Фото: Ка.М.

Изложбата „Траг“ – заеднички уметнички проект на уметниците Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски, двајца автори кои низ својата работа постојано ги прошируваат границите на современата визуелна уметност, отворена е во македонскиот КИЦ во Софија, Бугарија.

„Траг“ е повеќе од изложба. Таа е патување низ сенките на постоењето, визуелна рефлексија на она што останува зад нас – и во материјата, и во емоцијата. Преку динамична употреба на црни тонови, линии и текстури, оваа изложба го истражува присуството на отсутното и ја преиспитува темнината не како крај, туку како длабока и богата почетна точка за перцепција и созерцание – велат авторите.

– Изложбата нè повикува на интроспекција. Да ги почувствуваме трагите што другите ги оставаат, но и оние што ние самите ги врежуваме во времето и просторот. Таа го преиспитува односот помеѓу светлината и темнината, помеѓу она што е кажано и она што е премолчено, помеѓу присуството и отсуството. Со оваа серија на апстрактни дела и видео инсталации, уметниците ни нудат нова перспектива – на темнината како потенцијал, на трагата како сведоштво, на уметноста како мост меѓу внатрешниот и надворешниот свет – посочи на отворањето на изложбата, директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, кој на уметниците им врачи благодарници.

Анчевски и Стојаноски се акдемски уметници, кои имаат реализирано бројни самостојни изложби во земјава и во странство.

Ка.М.