Вечерва во 20 часот, во ликовниот салон на Македонската академија на науките и
уметностите, ќе биде отворена изложбата на познатиот македонски ликовен уметник од Кавадарци, Владимир Темков. Изложбата ќе ја отвори академик Влада Урошевиќ.
По добивањето на највисокото признание наградата „11Октомври“ за животно дело од
областа на уметноста и културата минатата година и неговата последна изложба со наслов „Робусен ликовен лиризам“во Културно-информативниот центар во Скопје каде се претстави со 30 најнови дела од нековиот последен циклус, Владимир Темков вечерва се определи да се претстави со дела инспирирани од најголемиот празник на лозарите Св. Трифун. Самиот наслов на изложбата „Рапсодија во чаша полна љубов“ во себе ги обединува двата празника Св. Трифун и Св. Валентајн обидувајќи се да ја покаже нивната нераздвоивост.
Настаните како дегустации на вино, ликовните изложби и фестивали создаваат заеднички искуства кои ги обединуваат луѓето преку заедничка благодарност. Овие моменти поттикнуваат дијалог,можност да се изразат своите мисли, чуства и емоции. Во модерното време врската помеѓу уметноста и виното еволуираше понатаму, при што многу современи уметници црпеа инспирација од производството на вино.
Во тиквешијата и кај ликовните уметници од ова поднебје таа врска е многу подлабока и се испреплетува со традицијата на славењето и градењето на култот кон светецот Св. Трифун кој е заштитник на лозарите . Ако во виното е вистината тогаш таму се крие и вистината за искрената љубов па затоа авторот Владимир Темков со оваа изложба која содржи 81 дело ќе се обиди да
ги обедини двата празника.
Ликовниот уметник Владимир Темков е во полна творечка зрелост со високи дострели на својата творечка имагинација и висок културен рејтинг . Неговите дела не се само показ на обемот и валидноста на неговата ликовна амбиција, туку пред се се израз на силата на неговата креативна моќ. Многу е зачаен неговиот придонес во културното живеење на градот Кавадарци на полето на ликовната уметност.
Основач и организатор е на Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци-Михајлово“ од 1996 година. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност.Зад себе има реализирано огромен број самостојни изложби и
учество на шеесетина групни изложби. М.М



