- „Скриеното трето“ претставува проширување на проектот „Присутност/отсутност“, формирајќи мрежа на дијалог помеѓу женски уметнички гласови од Балканот и Медитеранот
Националната галерија на Македонија ја претставува меѓународната групна изложба со жени уметници од Македонија, Грција, Србија и од Кипар, под наслов „Скриеното трето: Некаде помеѓу присуството и отсуството“.
– Изложбата, по премиерата во Атина во галеријата „Арт проџект спејс“, во мај годинава, сега ја презентираме пред македонската публика, во мултимедијалниот центар „Мала станица“. Отворањето на изложбата ќе се случи в петок, во 20 часот, и истата таа ќе биде достапна за публиката до 25 октомври 2025 година – информираат од Националната галерија.
Кураторки на изложбата се д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија, и независната историчарка на уметноста од Грција Ники Папаспиру.
Изложбата се развива по должината на имагинарна оска што се протега од Белград до Никозија, со Скопје и Атина како клучни точки во оваа геополитичка и културна поврзаност. Тринаесетте македонски, грчки, српски и кипарски уметници ќе претстават дела во медиуми како што се просторни и звучни инсталација, видеа, објекти, слики, цртежи и перформанс. Изложбата создава феминистички простор на соживот, отпор и прекомпонирање, потенцирајќи ја важноста на уметничкиот израз во постојано променливиот свет.
Учеснички уметници се Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаку, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду, Елина Јоану.
„Скриеното трето“ претставува проширување на проектот „Присутност/отсутност“, формирајќи мрежа на дијалог помеѓу женски уметнички гласови од Балканот и Медитеранот. Инспирирана од теоријата на Басараб Николеску за меѓусебно поврзана и повеќеслојна реалност, изложбата го третира „скриеното трето“ како средишна сфера на постоење каде што спротивставените поими коегзистираат и се трансформираат: присутност/отсутност, материјално/нематеријално, индивидуално/колективно.