„Сенки“ е насловена самостојната изложба на Стојан Павлески што е отворена во галеријата на Македонскиот културен центар во Њујорк од 17 до 27 јуни. Проектот, конципиран како колажна инсталација, ги илустрира некогашните глорификации на идеолошката смисла на војувањето, наспроти сегашните бесмислени подвизи од името на новиот поредок, истиснувајќи го човекот од времето што го живее.
– Лоцирајќи го Демначот и неговото соочување со баналноста на очекувањата, концептот запрашува која е смислата на човековото позиционирање во апокалиптичните сценарија на денешницата. Сведочејќи го живеењето низ индустриско-пластичната епоха, трговските војни и акумулацијата на капиталот, проектот го адресира прашањето за човековиот опстанок, оставен на сопствените инстинкти и можеби принуден на паравоено преживување. Фрагментираните фотографии со воени сцени како фризови од новите пантеони на моќта и цртежите од повоениот период изработени од мојот татко се судираат во концептот на Демначот, на крајот соочен со псевдопотентноста на времето што го живее. Апроприираните цртежи се критички реанимации со реконтекстуализарана порака во време кога симболиката се консумира побрзо отколку што се разбира. Нивната корелација со пластичните играчки војници и осамениот Демнач го изнесува на површина прашањето што е она што се задржува на периферијата на колективната свест и дали овие духови на отпорот ги фрлаат своите сенки низ генерациите – вели Павлески.
Според Натали Рајчиновска-Павлеска, иконографиите од повоениот период (цртежите) заедно со пластифицираниот феномен на војувањето (фотографиите) – два пунктуми на идеолошката комодификација, дијахроно се судираат со современиот концепт на Демначот, лоциран во едно надреално и асоцијативно-апокалиптично сценарио.
– Доколку го следиме хронолошкиот фатум на проектната поставеност, апроприираните цртежи како некаков белег од детството на авторот се чини дека се носечки во концептот Сенки. Како фрагмент од авторовото лично сеќавање на времето од големите идеологии, па и смислата на ликовниот одраз на едно општествено време, тие сега се манифестираат како привиденија на трансгенерацискиот и веќе дотрошен идеолошки отпор. Реферирајќи на пластифицираната и милитаризирана имагинација на денешницата, на трговските војни и незапирливата акумулација на капиталот, се поставува прашањето дали можеби уметникот сака да ни апострофира дека гледајќи со ’очи широко затворени‘, Западот можеби ја изгубил пластичната револуција од Истокот – вели Натали за проектот.