Изложбата „Поместени граници“, која е традиционална во годишната програма на ДЛУМ, годинава има цел со иновативен артистички пристап да го промовира новиот простор на ДЛУМ на бул. Илинден 63, Скопје. Изложбата е отворена пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје, а примарната цел е да го означи почетокот на новото поглавје за друштвото и да привлече внимание и поддршка за реновирање и адаптација на просторот.
– Изложбата „Поместени граници“ и целиот настан имаат цел активно да ги вклучат членовите на ДЛУМ, сите генерации уметници, како и целата културна јавност во поддршка за активирање на овој нов простор. Замислената трансформација во иднина вклучува претворање на просторот во галерија, канцеларија, изложбен простор и простор за работилница, а со тоа максимизирање на неговиот потенцијал и подобрување на неговата улога во уметничката заедница. Продолжувајќи, целта на овој настан е јавно да се запознае новиот простор на пошироката публика, означувајќи го почетокот на новото поглавје за ДЛУМ – велат од здружението.
Темата на „Поместени граници“ е концепт во кој ликовните уметници ги истражуваат различните конотации на границите, без разлика дали се физички, имагинарни, природни, реални, политички или емотивни, кои ги разграничуваат и завршетоците и почетоците. Изложбата вклучува дела на етаблираните автори: Душан Перчинков, Симон Шемов, Коле Манев, Васил Василев, Костадин Танчев-Динка, Ана Темкова и помладите автори: Ана Трајковска, Ана Спасова, Тања Ристевска, Дорина Тенева, Kристијан Јованоски, Игор Tанески и Ана Вчкова. Оваа година, концептот на изложбата е делата да се изложат виртуелно, поради специфичноста и руинираноста на просторот во оваа фаза. Концептот предвидува стратегиско поставување на кјуар-кодови низ просторот преку кои се претставуваат делата на уметниците, истакнувајќи ги потенцијалните позиции за идни уметнички инсталации.
Изложбата ја отворија претседателката на ДЛУМ, Јана Манева Чупоска, претседателката на Уметнички совет, Маја Рауник Кирков, и кокураторот Стефан Александар Јовановски, претставник на присутните колеги уметници.