„Реактор – истражување во акција“ одбележува јубилеј од 20 години
Изложбата „Отпечатоци на еднаквост – траги од внатрешното ‘јас’“ се отвора на 25 декември, во 20 часот, во КИЦ, а воедно се одбележува 20-годишниот јубилеј на „Реактор – истражување во акција“.
Темата на годинашното биенале „Екс либрис“ е инспирирана токму од работата на „Реактор“ посветенa на родовата еднаквост, граѓанското учество и социјалната правда. Меѓународната изложба ги истражува суптилните впишувања на идентитетот, правата и сеќавањето – траги што се наоѓаат под површината и ги обликуваат просторите во кои се вкоренуваат смислата и припадноста. Истовремено, ја отвора можноста за уметнички рефлексии за белегот што жените и маргинализираните групи го оставаат врз културата и општеството, често работејќи и творејќи на работ на видливоста. Преку овие гестови – биле тие лични или колективни, кревки или храбри, интимни и политички – се отвораат нови можности за трансформација.
– „Екс либрисот“ нема да го сретнете ниту на насловна страница, ниту, пак, во центарот на вниманието. Тој лежи внимателно поставен и затскриен на внатрешната корица. Како екс либрисот, така и отпечатоците на жените често се наоѓаат под видливата површина на општеството – самоопределувачки и од суштинско значење, но не секогаш препознаени. Меѓутоа, иако не ги среќаваме на предните корици на историјата, тие сепак ја сочинуваат нејзината содржина. Нивните придонеси го обликуваат идентитетот на нашите заедници и истории, дури и кога не се првото нешто што светот го забележува. Во време кога еднаквоста и правдата често се третираат како фусноти, наместо ударни вести, екс либрисот нè потсетува дека вистинската приказна често е затскриена, но дека нејзините отпечатоци го издржуваат тестот на времето. Чинот на обележување – било на хартија, во општеството или во сеќавањето – е начин да се отфрли молкот. Така, секој екс либрис, колку и да е мал, претставува засебен глас; а заедно создаваат архива на истрајност, креативност и надеж – информираат од „Реактор – истражување во акција“.
Имајќи го ова на ум, годинашната тема на Биеналето е инспирирана од „Реактор – истражување во акција“, локален аналитички центар што повеќе од две децении посветено работи на унапредување на еднаквоста, граѓанското учество и социјалната правда.
– Во нивните дела уметниците ќе ги истражат суптилните впишувања на идентитетот, правата и сеќавањето – траги што се наоѓаат под површината и ги обликуваат просторите во кои се вкоренуваат смислата и припадноста. Делата ги истражуваат личниот идентитет, културната припадност, општествената критика, феминистичките наративи и колективното сеќавање Гледано низ оваа призма, Биеналето претставува не само изложба на отпечатоци туку и колективна рефлексија: Какви траги оставаме за идните генерации и чии гласови ќе бидат запаметени – дополнуваат од „Реактор – истражување во акција“.
































