Во галеријата „Империјал 1“ при Културно-информативниот центар во Скопје, на 5 февруари, со почеток во 18часот и 30 минути, ќе биде отворена изложбата на фотографии „Јадрански минијатури“ на Тончи Станичиќ.
Станичиќ (Сплит, 1954) е хрватски фотограф и поранешен дипломат. Дипломирал на Правниот факултет во Сплит во 1977 година, каде што работел како асистент и предавач по кривично право од 1978 до 1992 година. Магистрирал на Правниот факултет во Загреб во 1985 година. Од 1992 до 2019 година, имал високи позиции во Министерството за надворешни работи на Република Хрватска, вклучувајќи ги позициите заменик-амбасадор, помошник-министер и амбасадор во неколку европски градови.
Со фотографија се занимава уште од младоста. Од 2007 година, изложува на самостојни и групни изложби, меѓу кои се издвојуваат „По патот…“, „Чекор зад реалноста“ и „Босна и Херцеговина
и други приказни“. Неговите дела се претставени и на онлајн-изложба на платформата Fotosofia.
Рецензија за изложбата напиша м-р Влахо Бранѓолица.
-Секоја фотографија, во својата суштина, е обид да се скроти недофатливото, а делата на Станичиќ ни го носат токму тоа – визуелни партитури во кои светлината не служи само како технички предуслов, туку како главен протагонист и градбен елемент. Авторот на овие фотографии често го нарекуваат „мајстор на деталот со око на патник“, бидејќи не настапува како обичен набљудувач што пасивно ја бележи стварноста; тој, како некаков современ алхемичар, ја преобразува во субјективна визија, нудејќи ни „поглед кон естетиката на недофатливото“, во кој се бришат границите меѓу виденото и почувствуваното. Изложбата ни нуди многу повеќе од проста документација на реалноста; таа претставува длабоко нурнување во интимата на авторот. Секој кадар функционира како визуелен хаику – сублимиран во емоција, а раскошен во значење. Авторот не „фаќа“ само предмети, туку го лови недофатливото – тишината меѓу два вдишувања, трепетот на сенката на ѕидот и атмосферата што се граничи со ониричното. Низ играта на светлина и сенка, контраст и боја, овие фотографии стануваат огледала на нашите сопствени внатрешни пејзажи, повикувајќи го набљудувачот да забави и во деталот да го пронајде универзалното – наведува меѓудругото Бранѓолица во рецензијата.
Настанот ќе се одржи во присуство на државни претставници, дипломатски делегации и претставници на институциите од двете земји.
На изложбата музички композиции ќе изведе Андрија Тот, млад гитарист и музичар, кој моментално е студент на четврта година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Дарко Багески.


































