Изложбата „Горчлив шеќер“ („Крај реката Драгор седев и плачев“) на авторот Ѓорге Јовановиќ“ е отворена во галеријата на Заводот и музеј во Битола.
Проектот „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ е составен од два дела, просторна инсталација и анимирани куклени претстави, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот; фрагменти што во себе содржат знаци, состојби и ситуации што се однесуваат истовремено на локалниот контекст, но и на влијанијата и меѓузависноста со глобалните текови.
Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации, како и со комбинирање неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика), се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и на истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект ја интегрира неговата претходна творечка практика, која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми, од цртеж и инсталација до перформативност и интерактивност. Проектот претставува синтеза и надградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразуваат и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација, која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите што ја активираат, Јовановиќ се труди да создаде повеќедимензионална наративна мрежа, низ која многубројните протагонисти и различните состојби во кои се наоѓаат се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост. Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни, работени според идеи на Јовановиќ, како и раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски и други). Во нивниот фокус се неизвесноста и игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините и преку прикажување екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода.
Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и консумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на автореференцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето нови вредности. Тој работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.