Изложбата „БруталСкоп“ на македонската уметница Нина Рудик беше дел од настанот „Испод моста“ во Сараево, кој се одржа десетти пат оваа година. На изложбата изложуваа 15 автори од целиот Балкан.
Изложбата „БруталСкоп“ е нејзин личен и уметнички омаж на брутализмот во Скопје – архитектонски стил, кој и покрај својата грубост за Нина претставува топлина, светлина и слобода.
– Преку објективот, таа го истражува бетонскиот пејзаж на градот, кој не само што ја фасцинира визуелно,туку и ја враќа назад во нејзиното детство. За неа, овие структури не се само градби – тие се спомени, сенки и сведоци на лична и колективна историја. Нина Рудик ги спојува зборот, формата и светлината – создавајќи дела што зборуваат со бетонска искреност и емотивна длабочина – стои во најавата за изложбата.
Нина Рудик е визуелна уметница, графичка дизајнерка, преведувачка и професионална фотографка од Скопје, со повеќе од 15 години искуство во креативната индустрија. Родена во 1985 година, таа е дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност, со дополнителна диплома по графички дизајн од „Семос едукација“. Во својата професионална кариера, Нина има соработувано со голем број дизајн-студија и издавачки куќи, а од 2014 година работи како самостоен графички дизајнер и преведувач. Таа има преведено над 20 книжевни дела од англиски на македонски јазик, меѓу кои се наоѓаат класици и современи бестселери.
Последниве пет години, Нина активно се занимава со професионална фотографија и е сопственичка на свое фотостудио, каде што создава визуелни приказни инспирирани од урбаната средина, архитектурата и од човечката емоција.