Изложбата „аСиметрија“ на Гордана Јаневска, отворена во галеријата „Метаноја“, ќе трае до сабота.
– Самиот наслов „аСиметрија“ си поигрува со поимот и ја посочува намерата на уметникот. Дискрепанцијата во распоредот во зборот, кој почнува со мала буква за втората да биде голема, е знак дека насликаната асиметрија уште повеќе го нагласува феноменот на симетријата. Острите агли и преклопувачките асиметрични форми создаваат илузија на повеќекратна перспектива. Фрагментацијата на лицата кон чија хармонија тежнее окото го „вади од колосек“ набљудувачот и го прави свесен за нешто на што симетријата не би го поттикнала. Преку различните геометриски перспективи набљудувачкиот субјект добива увид во повеќеслојноста на секој „идентитет“. Свесните личности не може да се сведат на монолитна дефиниција, туку во секој миг се мултиреферентни – рече на отворањето на изложбата Коста Милков.
Гордана Јаневска, македонска сликарка, се занимава со научна и хуманитарна работа и објавува книги. Преку својата работа активно учествува во голем број истражувачки активности за промоција на Македонија за одржување на традицијата и фолклорот. Освен што е посветена на науката, учењето и читањето, таа сака едноставни работи, вклучувајќи го и сликарството, за кое вели дека е најдобриот начин на изразување.