Изложба на дигитални слики со наслов „Алегории“ на Игор Поп Трајков ќе биде отворена вечерва во галеријата „Ко-ра“. Со оваа изложба авторот повторно ни претставува палета од новите дигитални изразни средства, во комбинација во вештачката интелигенција и класичните сликарски техники.
– Оваа група на остварувања се надоврзува на долготрајната потрага на овој автор по значењето во современоста, како и современото значење, кои, пак, се дел од западната цивилизација. Несомнено знаењето и повеќезначноста заземаат голем простор во творештвото на Игор Поп Трајков, а особено во оваа изложба. Чувството за хумор е исто така важно кога треба да се оствари некаков сериозен опус – мисли авторот, а тоа е согледливо и во неговата последна, петта по ред самостојна изложба „Алегории“, каде што тој го третира ова старо изразно средство на современ начин и со многу иронија – велат од „Ко-ра“.
Според кураторката на изложбата Џоана Пентала, во оваа изложба Игор Поп Трајков ни претставува и композиции што се комбинации на дидактика, оние од релацијата историја и уметност, антропологија и политика, или би можеле да се подведат во неколку различни флуктуирачки групи.