Вечерва од 19 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена првата самостојна изложба „Материјалот и формата“ од младиот и перспективен ликовен уметник, Славчо Павлоски.
На љубителите на уметноста Павлоски ќе им понуди 15 дела изработени во мермер и дрво.
– Целта на делата е да ја истражам меката и тврдата форма во мермерот и дрвото. Но иако нивната форма е слична, сепак на скулптурата и даваат различен визуелен ефект. Мермерот како поцврст материјал и како помалку шарен од дрвото, подобро ги истакнува меките прекршувања, а дрвото пак, со неговите шари и даги, додава една друга визуелизација, која ја разигрува формата и го оживува тој ефект – вели Павлоски, кој со скулптурите ја дефинира подобро разликата меѓу меката и цврстата форма и внесува нови идеи и почнува свој нов уметнички израз.
Павлоски моментно е студент на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Гоце Наневски. Средно образование завршил во гимназијата СОУ “Мирче Ацев”. Посебен придонес за неговиот развој како ликовен уметник има професорот по ликовна уметност Александар Џинго.
Пред и за време на студиите има учествувано на повеќе ликовни колонии и изложби. Првата самостојна изложба со слики ја реализира во Нови Сад, Србија.
Член е на ДЛУП.
Ка.М.