Во Ликовната галерија на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворена изложбата „Уметничкиот сон“ од уметникот Методи Исков, што е дел од програмата на центарот за култура, од областа на визуелните уметности за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Изложбата „Уметничкиот сон“ е посветена на истражувањето на сонот како симбол, инспирација и креативен импулс во уметноста.
– Секое уметничко дело, пред да се појави во материјална форма, започнува како визија, како интимен миг на замисла или сон што го носи авторот. Токму тој процес – од замисла до реализација – е централната тема на оваа моја поставка. Во рамките на изложбата ќе бидат претставени дела од различни жанрови и техники: сликарство, графика, цртеж, скулптура, како и современи визуелни практики. Оваа разновидност не само што ја прикажува богатата палета на индивидуални пристапи и изрази туку создава и еден поширок контекст во кој посетителот ќе може да се соочи со повеќе перспективи на сонувањето и креативното толкување на реалноста. Овој проект ја нагласува и важноста на културните институции и стопанскиот сектор во заедничката мисија за поддршка и афирмација на уметноста. Со „Уметничкиот сон“ ја канам публиката да влезе во светот на имагинацијата, да ги истражи сопствените соништа преку делата на авторите и да открие нови можности за разбирање на уметноста како универзален јазик што нè поврзува сите – вели уметникот.
Методи Исков во 2014 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство, во класата на проф. Станко Павлески. Покрај индивидуалните уметнички ангажмани, важен дел од неговото работно искуство е изработка на скулптури вклучени во урбанистички план на градот Скопје, учество при изработка на палета мозаици, од кои може да се истакнат мозаиците во црквата „Св. Константин и Елена“ во Скопје, мозаик поставен вo базиликата на „Св. Благовештение“ во Назарет, Израел, со ликот на Пресвета Богородица, мозаиците на црквата „Св. Петка“ во Прилеп, итн.
Исков има изработено повеќе мурали во градот Прилеп, од кои може да се истакнат муралот во ГБ „Борка Талески“ во Прилеп, уметничкото уредување на Етно Крушево и многу други. Учествувал на повеќе групни изложби во Македонија и досега реализирал две самостојни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Прилеп од 2011 година, а од 2020 година е претседател. Живее и работи во Прилеп како наставник по ликовна уметност. Ка.М.