Изложбата „Современа скулптура“ ќе се отвори во Музејот на градот Скопје од 20 часот. Изложбата „Современа скулптура“, реализирана како дел од програмските активности на ДЛУМ, со поддршка на Министерството за култура и туризам, претставува значаен преглед на современите скулпторски тенденции во македонската ликовна сцена. Со учество на шеснаесет уметници од различни генерации, оваа изложба не се јавува како едноставна презентација на индивидуални остварувања, туку како комплексен дијалог за состојбата и можностите на скулптурата како медиум во современото живеење.
На изложбата е даден акцентот на поврзаноста помеѓу класичните скулпторски вредности и современите истражувачки импулси. Од една страна е присутен изразот со благородни материјали – мермерот, бронзата, дрвото – кои ја потврдуваат континуираната врска со традиционалната скулпторска практика, а од друга страна е експериментирањето со нетрадиционални медиуми и истражувачки решенија што говорат за свесноста на уметниците за проширените граници на скулпторското поле.
Материјалноста се јавува како централно прашање. Употребата на мермер, инокс, бронза, дрво, теракота, но и комбинацијата на железо, жица, плексиглас, огледало, восок и други материјали, не е само техничко прашање – таа е концептуален став на уметникот. Секој материјал носи своја семантичка тежина, своја историја. Делата, во овој случај скулптурите, се движат во континуум помеѓу фигуративното и апстрактното. Стилизираните фигуративни форми, редуцирани до есенцијални волумени, функционираат и како репрезентации на телото и како автономни формални структури. Човечката фигура е присутна во различни модалитети – фрагментирана, трансформирана – тематизирајќи го телото како место на значење, идентитет и егзистенција.
На изложбата „Современа скулптура 2025“ особено е важен е односот на скулптурата кон просторот. Отворените конструкции, употребата на сенки, рефлектирачките површини и инсталациските решенија го активираат просторот како конститутивен елемент на делото, не само како негов контекст. Делата создаваат нови релации, ги предизвикуваат движењето и перцепцијата на гледачот. Изложбата потврдува дека скулптурата останува витален и релевантен медиум. Меѓугенерациската присутност покажува дека скулпторската практика не е прашање на генерациска припадност, туку на индивидуална креативна енергија и концептуална јасност.
Наградата на семејството Митриќевски, која се доделува за најдобро скулпторско решение, симболички ги потврдува континуитетот на традицијата и нејзината постојана обнова – вредности без кои скулптурата не може да опстане како уметничка практика со интегритет.
 
             
		

































