Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“

Синоќа во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше отворена изложба посветена на една од најстарите книги на црковнословенски јазик и сведоштво за раната писменост и духовност на нашиот народ. Приказната за Јаков од Камена Река започнува далечната 1566 година. Само еден век по пронаоѓањето на печатарската машина од страна на Јоханес Гутенберг, Јаков од Камена Река – денешна Македонска Каменица, заминува во Венеција каде ја закупил или купил и ја возобновил печатницата на Божидар Вукотичиќ.


Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“

Таму, во периодот од 15 мај до 30 август 1566 година, го отпечатил „Часословот“ на црковнословенски јазик, книга во формат 13х18 сантиметри и 522 страници, богато украсена со 27 верски цртежи и 11 орнаменти. Еден добро сочуван примерок денес се чува во НУБ „Климент Охридски“ во Скопје. „Часословот“ всушност е првата публикација печатена на кирилица, прирачник за практикување на верата, утринска, дневна и вечерна молитва и во тоа време можел да се купи во книжарница во Скопје.

Оваа изложба се реализира во рамки на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“, кој од 2023 година се одржува во организација на ЗГ „Надеж-Норе“ од Македонска Каменица. Таа се состои од 39 панели и на секој од нив е претставена репродукција од оригиналната страница на левата страна, а на десната компјутерска адаптација и превод на македонски јазик, кој го направил епископот Делчевско-каменички г. Марко, а дизајнот и дигиталната типографија се на Ласко Џуровски, кој го создал и фонтот „Јаков“. Фестивалот, покрај тоа што го чествува ликот и делото на Јаков, поддржува македонски автори од различни области и ја поттикнува љубовта кон македонскиот идентитет, културното и фолклорно богатство и традиција – подвлече на отворањето на изложбата Марина Убавкова.

Изложбата досега е поставена во повеќе градови, а според зборовите на директорот на фестивалот Миле Ѓорѓијоски, во текот на целата година се организираат промоции на писатели, изложби, гостувања во училишта, конкурси за краснопис, работилници за калиграфија и прогласување на најчитан домашен автор и најактивна библиотека.

Синоќа на отворањето на изложбата ѝ претходеше работилница за ученици од основно образование, а потоа имавме можност да ја проследиме и промоцијата на книгата „На иста адреса“ од Миле Ѓорѓијоски и Христина Деолска. Промотор на книгата беше писателот Далибор Трајков, најчитаниот домашен автор две години едноподруго во македонските библиотеки.


Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“

Книгата „На иста адреса“ ги поврзува поезијата и афоризмите, а темата која ги фасцинира авторите е времето. Христина на темата време ѝ приоѓа рефлексивно, емотивно, тажно и со чувство на безнадежност. Од друга страна, Миле со своите афоризми најчесто нè враќа на земја, во реалниот свет. Тоа е свет кој не е баш најдобро место за живот, но може да се поднесе, можеби и да се совлада на начин на кој тоа го прави овој голем автор на афоризми – со иронија и сарказам, со сатиричен приод после кој ни останува насмевката, макар и горчлива – ќе напише за книгата рецензентот Слободан Р. Мартиновиќ.

Афоризмот е вистина во најчиста форма, а поезијата е вистина во најчувствителна форма. И токму затоа оваа книга е посебна. Таа не бара читателот само да чита, таа бара да мисли. И таа не бара само да мисли, таа бара тој да чувствува. Ова е книга што не се троши, зашто добриот афоризам не се чита еднаш и добрата песна не се чувствува еднаш. Тие остануваат како трага, како мисла, како дел од нас – рече на промоцијата Далибор Трајков, честитајќи им на авторите за храброста да ја напишат книгата. М.М.