Во ликовна галерија во Центарот за култура „Марко Цепенков” Прилеп, синоќа беше отворена извонредната изложба „Оган” од академската уметница Бојана Артиновска.
За делата на Артиновска, говореше м-р Викторија Димеска, која посочи дека уметницата за новите апстрактни дела инспирацијата ја црпи од огнот.
– Острите назабени форми се извршуваат како бранови и создаваат структури што интуитивно продуцираат преку визуелна интерпретација. Трепетливите арабески ги разбудуваат сетилата на набљудувачот и создаваат разголена реалност, синтеза на разиграни бои и интуитивно слоевито колоритни површини”- рече Димеска.
Посетителите на изложбата имаа ретка и несекојдневна можност да го проследат ликовно уметничкиот и музички перформанс „Ширење на светлината”.
Додека Бојана Артоновска сликаше, музички ја следеше музичарот Методија Костоски.
Бојана Артиновска има реализирано бројни изложби, работи сценографија, костимографија и е мултимедијален уметник.
Со изложбата „Оган” Центарот за култура „Марко Цепенков” ја започна богатата програма за 2026 год.од визуелните уметности.


































