Фото: Ка.М.

Над 130 театарски плакати, исто толку каталози и програми за театарски претстави, дело на авторскиот тандем Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески, се дел од изложбата, отворена во рамките на 59 МТФ „Војдан Чернодрински“.

– Ја пренесовме нашата 35 годишна активност како автори. Опфатени се сите театри од Македонија, Хрватска, Франција, Србија… Се адаптиравне на просторот и направивне целосен преглед на се она што сме работеле низ годините – велат авторите.
Драган Ристески, добар познавач на творештвото на двајцата автори, вели дека импозантниот број на театарски плакати и програмчиња, говорат за плодната авторска продукција на театарскиот плакат, кој како визуелен медиум за промоција на театарски претстави остава трајни и неизбришливи траги во естетското творештво на речиси сите театрски куќи.
-И за двајцата не постоеја уметнички и сликарски граници за авторското создавање и надополнување, да дизајнираат ефектни илустрации, бои и типографии, фотографии и др. комбинирани техники, се со цел, посоодветно, блиско и идентично да ја транспонираат идејата на пиесата, а сепак да останат свои, оригинални автори и уметници во својата ликовност и визуелност – посочува Драган Ристески за изложбата на Бојаџиев и Ѓорески. Ka.M.