Со изложбата на рачно изработени маски, отворена во Ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, започнува традиционалниот карневал „Прочка“ на кој од Општина Прилеп најавуваат учество на над 600 учесници. На карневалот денеска во 12 часот кај Градскиот саат ќе се презентира традиционалниот обичај, амкањето, во организација на здружението „Преродба“, a ќе настапи и „Роби Реј шоу“.
Главните активности се в недела. Карневалската поворка тргнува од 12 часот пред НУЦК „Марко Цепенков“ и ќе се движи по бул. Гоце Делчев и ќе заврши на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ каде што ќе започне карневалот „Прочка“, кој ќе биде збогатен со жонглери, акробати, кловнови, куклари и многу други изненадувања. Потоа следуваат претставувањето на учесниците на карневалот и прогласувањето на победниците. В понеделник ќе се одржат традиционалниот ручек и одбележувањето на Чист понеделник заедно со здружението „Прилепски мечкари“ во манастирот „Св. Ѓорѓија“ во селото Присад.
Освен карневалот, во Прилеп, традиција е граѓаните да се маскираат, да одат на забави низ кафулињата и по домовите да побараат прошка од постарите, што е голема човечка особина, со цел да се покаже дека сите сме луѓе и треба меѓусебно да се почитуваме и се разбира да си простуваме, со цел да изградиме едно подобро општество за сите нас.
Прилеп е препознатлив по „Прилепските мечкари“, кои ја претставуваат најпознатата маска, што, според некои документи, датира од 1930-тите години и со нејзината симболика означува бркање на злите духови.
Ка.М.