Во галеријата „Остен“ – Скопје, денеска во 19 часот, ќе се отвори самостојната изложбата на современиот полски уметник Кшиштоф Конопка, „Орапизам-уметноста на инацијата“.
Изложбата е резултат на активната меѓународна дејност на „Остен“ – Скопје, особено преку биеналето на современи визуелни уметности „Остен“. Уметниците од Полска редовно се пријавуваат на биеналето „Остен“ со исклучително квалитетни дела и во голем број. Како резултат на тоа, на биеналето „Остен“ – Скопје, 2016 година, Полска беше наградена со награда за национално претставување на „Остен“. Изложбата е поддржана од Амбасадата на Полска.
Кшиштоф Конопка (р.1963) е современ полски уметник и основач на орапизмот.
Уметничкиот пат на Конопка произлезeгува од потрагата по одговорот на прашањето „кој сум јас?“. Со отфрлање на интелектуалните шеми, тој доаѓа до практикување чисто, интуитивно креирање. Неговата филозофија е обликувана од учењата на Лао Це, инспириран е од неговата муза Агњешка и делата на мислители како што се Екхарт Толе, Антонио Дамасио, Стивен Поргес и Рик Штрасман. Од 2017 година, Конопка го претставува орапизмот на меѓународно ниво, со изложби во Амстердам, Варшава, Лондон, Рим, Фиренца, Венеција, Виена и во Париз. Учествувал на големи изложби како што се Биеналето во Фиренца (2019, 2021), саемот за уметност „Паралакс“ во Лондон (2018) и изложби во „Галери Тулиер“, Париз (2024), и во „Медина арт“, Рим (2019). Неговите дела се претставени и на меѓународни платформи, на настани поврзани со музејот на уметност „Метрополитен“ (Њујорк), „Арт Базел Мајами“ и биеналето во Венеција.
За иновативната техника, Конопка користи шпатула и виљушка со масло на платно, лен и картон. Освен изложбите, неговата уметност била инспирација за модни колекции во Венеција, се појавила во телевизиски продукции, а била дел и од меѓународни добротворни и уметнички аукции. Неговите достигнувања се признаени со награди како што се наградата за уметност. Денес, Кшиштоф Конопка продолжува да го развива орапизмот како уникатен уметнички и филозофски пат.
Орапизмот е ново движење, кое ги интегрира уметноста, филозофијата и науката. Вкоренет во потрагата по автентично искуство, орапизмот се стреми да ја надмине креацијата водена од егото и да ги покани и уметникот и гледачот во простор на присуство, свест и трансформација. Црпи инспирација од невробиологијата, теориите на свеста и духовните традиции, со цел да ја помести перцепцијата од одвоеност (его) во интеграција (јас).
Процесот на творење повеќе наликува на медитација отколку на сликање.