„Падот на ангелите“ е изложбата на слики од Никола Пијанманов, што синоќа беше отворена во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на која уметникот се претстави со 18 дела.

На отворањето на изложбата уметникот Никола Пијанманов и Александар Еленин, главен и одговорен уредник на „Стремеж“, водеа дијалог за паднатите, за очајот и за последното возвишено воинство.

Еленин пишувајќи за изложбата ќе забележи: „Ги гледаме сите беспомошни и безмилосно згазени, сите луди војни и грозоморни геноциди, сета светска неправда и безумие, сиот систематски хаос и пекол кој ни ја краде сегашноста и убива иднината. И токму за сите тие беспомошни – за девојчето чија солза е единствен знак на живот врз од смрт преплашеното лице, за очајните и болните по болничките чекалници, за проколнатите без никаква вина, за сите избодени, скршени и паднати ангели во и околу нас, за сите згаснати соништа и радости – за сите нив овие слики гласно молчат“.

Никола Пијанманов, има реализирано бројни самостојни и групни изложби во земјава и странство. Остварил студиски уметнички престои во Париз и во Њујорк, а реализирал повеќе сликарски проекти во претстави, илустрирал книги, изработил дела во јавен простор.

Ка.М.