Во ликовниот салон /фоаје/ од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложба на дела од ликовната колонија Дрен 2024, на која се претставени 30 дела од уметници од земјава и од странство кои твореа на 16-та колонија „Марко Цепенков – Дрен 2024“што се одржа од 8 до 13 август 2024 г.
Отворајќи ја изложбата м-р Викторија Димеска, историчар на уметност истакна дека на 16 -то издание на меѓународната ликовна колонија Дрен 2024, учествуваа бројни уметници со моќен креативен потенцијал и особен сензибилитет, со посебни карактеристични артистички пориви и јасни уметнички визии и дека во суштина, се воочуваат неколку стилски правци : фотораеализам, надреализам, симболизам, енформел, асоцијативни апстракции и геометриска апстракција.
Посетителите ќе можат да ги видат делата од Петја Ѓеоргиева од Бугарија, Небојша Станков, Среќко Здравковиќ, Јована Ѓуриќ, Немања Вучковиќ, Милица Алимпиќ Илиќ од Србија, Радица Лелова Докузовска, Александар Таневски, Светлана Попова, Суарта Луфи, Ангел Коруновски, Валентина Стеваноска и Слободан Милошески од Македонија и прилепчаните Тони Чатлески, Марјан Стојаноски, Столе Дурланов и Никола Димески, колонијата се реализираше со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам.
Со отворањето на изложбата и концерт на ФИА ТРИО, ЦК „Марко Цепенков“ одбележа 45 години од своето формирање.
Ка.М.