Изложбата „Пикасо, можеби јас 2“ на керамики од Филип Фидановски ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Музејот на градот Скопје. На изложбата ќе бидат претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18-каратно злато за керамика и порцелан.
Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам. Изложбата ќе ја отвори Рафаел Соријано Ортиз, амбасадор на Шпанија.
– Нашата културна дипломатија се заснова на размена и дијалог, каде што промоцијата на нашите уметници е исто толку важна како и можноста за соработка, која се движи во две насоки и за која оваа изложба е добар пример. Делото на нашиот брилијантен сликар Пикасо инспирира творештво од нашиот македонски уметник, кој на тој начин постигнува уметничко дело што, во исто време, е македонско и шпанско. Накратко, отворена за светот бидејќи Уметноста со голема буква не познава граници – вели за изложбата во каталогот амбасадорот.
Куратор на изложбата е Кирил Пенушлиски.
– „Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација и дека наследството на Пикасо продолжува да е важен дел од општата уметничка приказна. Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи нѐ на трајното влијание на визијата на Пикасо – вели кураторот.
Филип Фидановски (Скопје, 1977) во 1996 година завршува Средно уметничко училиште во Скопје (1996), во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров, а високо образование и магистерски студии завршува на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија (2004), на катедрата за керамика, во класата на професорот Красимир Џидров. Од 1995 година до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирирани и групни изложби. Учествувал на многу уметнички колонии и симпозиуми. Член е на повеќе професионални здруженија. Професор е по предметите Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Во периодот од 2003 до 2010 е доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје; 2002 – 2006 стручен соработник во Музејот на Македонија, Одделение за едукација, во периодот 2002 – 2003 работи во ателјето за музејски копии при истиот музеј; 2019 – 2022 е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во 2020 – 2021 е директор на уметничкото училиште Државно средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје; 2020 – 2022 е претседател на комисијата за полагање приправнички испит по ликовно образование при Државниот испитен центар на Македонија; во 2023 година е член на комисијата за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерство за култура. Автор е на „Прирачник за изведување настава по ликовно образование“, како и на „Практични вежби и материјали за учење за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование“.