Изложбата насловена како „Динамика на бојата и линијата“ на уметницата Јулијана Гешоска ќе биде отворена до крајот на ноември во музеј-галеријата во Кавадарци.

Ова е прва самостојна изложба на Гешоска, графички дизајнер во Кавадарци, која содржи триесетина дела кои потврдува дека припаѓа на генерацијата сликари кои ја обновуваат апстракцијата со личен темперамент и современа чуствителност создавајќи дела во кои не само што се гледаат силните визуелни знаци туку и се чуствуваат тивките но длабоки отпечатоци.
Изложбата на Јулијана Гешоска претставува извонреден пример на апстрактен експресионизам каде енергијата на бојата, импулсивноста на потезот и драматичноста на линијата создаваат визуелен виор.

– Таа е сликар чии дела се изградени од експлозивен колорите и длабока промислена структура во која бојата не е само декоративен елемент, туку суштински носител на емоцијата и духот. Нејзините слики се композиции изградени врз сложен систем на преклопени форми, коси правци и експлозии од колоритни полиња што пулсираат помеѓу хаос и и хармонија. Линиите кои ги сечат површините на нејзините слики се како траги на мисловен процес и тие се движат во различни насоки кои го разигруваат просторот создавајќи динамичен ритам. Во творештвото на Гешоска бојата е автономна категорија. Таа не прикажува реалност туку создава нова. Токму овие елементи се клучот на нејзините дела – интелектуална апстракција со емотивна експресија вкоренета во личниот темперамент но и во македонсиот колорит кој не потсетува дека апстракцијата не е бегање од реалноста туку начин подлабоко да го доприме својот внатрешен свет – рече Трачје Цветков виш кустос историчар на уметноста на отворањето на изложбата. М.М.



































