Првото самостојно претставување пред кавадаречката културна јавност на познатиот ликовен уметник Хајруш Фазлиу од соседно Косево се случи синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“.
Љубителите на ликовната уметност имаа можност да видат околу шеесетина негови дела со помали димензии кои се работени во последните неколку години. Прекрасна увертира на отворањето на изложбата беше изведбата на композицијата „Балкан “ од Драган Даутовски на тамбура од страна на младиот талентиран уметник Ангел Димитров и интерпретација на поезија на Микица Илова.
Хајруш Фазлиу и припаѓа на генерацијата уметници кои се формирале во албанската ликовна школа за ликовна уметност во Косово но во своето обраќање до присутните тој го потенцира значајното влијание на неговото обликување како уметник на познатите македонски уметници. Покрај својата творечка дејност повеќе од 50 години Фазлиу придонесува во академската област како универзитетски професор, водејќи и инспирирајќи нови генерации уметници во Косово. Тој е почестен и со титулата „Амбасадор на мирот“ од страна на Уметничката заедница со седиште во Рим, како признание на неговиот придонес во уметноста и културата.
Ликовните критичари креацијата на сликарот Хајруш Фазлиу често ја опишуваат како „уметничка симфонија“ поради хармоничната комбинација на форми, бои и линии кои се преплетуваат во неговите композиции. Неговите дела се исполнети со моќна енергија и посветеност кон апстракцијата, што ги прави да се издвојуваат како визуелна прослава за очите, каде секој елемент има своја улога во оркестрацијата на уметничкото дело. Во споредба со современите авангардни уметници како Герхард Рихтер, Џексон Полок или Анселм Кифер, Фазлиу се задржува на посебна традиција на апстракцијата која ги носи трагите на модернизмот, но со свој уникатен пристап, ставајќи го на исто рамниште со современите авангардни уметници по силата на иновацијата и визуелното влијание.
За уметноста на Хајруш Фазлиу синоќа на отворањето на изложбата говореа директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова и ликовниот уметник Марина Убавкова.
М.М