- Сите сме во некаква мисија младите луѓе да се запознаат со нашите доајени и основоположници на театарот во Македонија, вели Саша Сотароски, иницијатор на изложбата
Во фоајето на театарот „Комедија“ е поставена изложбата на фотографии од театарските и филмските улоги на великанот Дарко Дамевски – уметник чие творештво остави длабока трага на сцената што денес гордо ја носи ансамблот на театарот „Комедија“.
Изложбата, реализирана во соработка со Мони Дамевски, Саша Сотароски и Виктор Семенпеев, ќе биде достапна за посетителите во текот на март и април, како сведоштво за богатото актерско наследство и трајниот белег што Дарко Дамевски го остави во македонскиот театар и филм.
– Идејата е дамнешна. Постојано се правеше муабет за дамнешни претстави, глумци, муабети од театарските бифеа. Минатата есен се направи првата изложба со фотографии на Ристо Шишков, бардот на македонското глумиште, големиот Македонец. Логично беше да се продолжи со Дарко Дамески – споделува Саша Сотароски.
Сликите за изложбата се дел од приватната архива на Мони Дамевски.
– Технички ги подготви и отпечати Виктор Семенпеев од печатницата „Софија“ од Богданци. Нормално, ништо не би било без театарот „Комедија“ и директорот Дарко Спасов. Сите сме во некаква мисија младите луѓе да се запознаат со нашите доајени и основоположници на театарот во Македонија. Имаме многу актери што не смееме да ги заборавиме. Мораме да им заблагодариме за сите убавини што ни ги подариле – споделува Саша Сотароски.
Во иднина тие подготвуваат изложби за Владимир Светиев, Вукан Диневски, Тодорка Кондова.
– Би сакале наесен да направиме голема изложба на Ненад Стојановски, дефинитивно еден од најдобрите и неоправдано заборавени наши актери – најавува Саша Сотароски. С.Ј.































