фото: Мирјана Мукаетова

Првата од трите изложби кои во Кавадарци ќе бидат отворени во рамките на чествувањето на празникот Св. Трифун се случува вечерва во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ со почеток во 18.30 часот.

Станува збор за несекојдневна изложба на фотографии на еден од најпознатите фотографи од Битола, Атанас Нашоку Саку, од насловена „Мраз“ со која тој симболично одбележува 55 години творештво.

За Атанас Нашоку Саку велат дека ги поместува границите на фотографијата до крајни граници, одземајќи ѝ ја на фотографијата површната наративност. Неговите фотографии не објаснуваат- тие ја потврдуваат убавината на нејзината вечност.
Објективот на Атанас Нашоку Саку е вперен во честички од просторот-времето. Овој (механички) поглед не е втренчен, туку само прецизен и конкретно спуштен врз површините на стварноста и така набљудувајќи ги површините на реалноста ја трансцендентираат и ги прикажуваат надреалистичките својства на фотографијата.

– Внимателно изолирајќи делчиња од просторот, во многу крупен кадар Атанас Нашоку Саку ни ја доведува до прашање свесноста за макро-планот. Во микрокосмосот ни се открива макрокосмос и наеднаш интензивното присуство на реалноста слика надреални светови. Всушност ваквата филозофска контемплативност, која преку контрадикции изведува светови, е застапена во целиот циклус кој во оваа прилика го изложува авторот. Речиси молитвената мисловност во делата не е ограничена на техничката постапка, туку со неа е осмислен целиот творечки процес. Осмислуваето претставува претстави со една кротка жестокост карактеристична за највисоката традиција на сликарските мајстори – велат од Домот на културата.
– Плодот, мразот, трагите на времето се оние нешта од кои се сочинети ликовните сентенци. Мисловната нарација, пак, се одвива во набљудувачот под силната сугестија на замрзнатите (во секоја смисла) честички простор-време. Во светлосниот ракопис на авторот очигледно е присуството на театарското искуство. Тој со театарска фотографија се занимава од 1976 година и таму, како и тука е присутен уметничкиот експеримент и обидот да се дофатат клучните кадри, не како пресликување на виденото туку индивидуално видување- ќе напише Р. Иванишевиќ за фотографиите на Атанас Нашоку Саку.