Во рамките на 16. фестивал на документарен филм „Македокс“, синоќа во вековното здание Сули-ан, под ѕвезденото скопско небо беше отворена изложба на фотографии што ги направил уметникот, режисер и светски патник Киро Урдин во Долината Омо во Африка. Исто така присутните проследија специјална проекција на неговиот документарен филм „Вода и оган“.
Впечатливите фотографии на луѓето од Долината Омо, Урдин ги направил за време на неговите бројни патувања на „црниот континент“, кога со својата креативна екипа часови и часови ги снимале неговите документарни филмови. На колоритните слики се овековечени припадниците на племињата- Мурси, Боди, Квего, Мугон, Ари, Бана, Хамар, Аробе, Каро, Сурма, Диме, Консо, кои се уште живеат во својот свет, речиси недопрен до цивилизацијата. „Да се видат и доживеат тие прекрасни припадници на овие етнички групи е вистински топол шок за секое срце. Кај некои од нив кожата им е изгравирана, кај други е насликана со бои, а богатата разновидност на пропратни украси помага да се збогати уште повеќе нивната убавина. Природно спонтани луѓе, како срцето да им минало во нивните насмевки“ – напиша Урдин во еден негов текст за доживувањата во Омо Валеј.

Филмот „Вода и оган“ што го проследивме е снимен 2008 година. Тоа не е само документарна приказна за Африка, туку и опомена дека човекот со своето деструктивно однесување и негрижа за живиот свет на Земјата, ја донел планетата до амбисот, па насловот на филмот може да биде и „Пожари и поплави“ од кои кој знае дали ќе успееме да се спасиме.
Самиот Урдин, како автор, во било кој медиум, секогаш се обидува да работи слободно, непретенциозно и без наметнати правила. Па така и овој филм почнал да се реализира спонтано, без однапред определено сценарио. Снимен е материјал од 160 часа, а крајниот резултат е 60-минутен филм. Во филмот играат Тера Селишкар, Драган Спасов-Дац и Пол Валеин. Камерата е на Бранд Феро, Пабло Феро, Жан Лук Шоле и Владимир Петровски-Картер, кој ја направи и монтажата. Музиката е на Венко Серафимов, а текстот на Снежана Лазаревска.Филмот е продуциран од „Осмоза“ продукција и добитник е на повеќе награди на значајни фестивали во светот.

Во разговорот што со уметникот го водеше новинарот Тони Димков, Урдин се осврна и на повеќегодишното создавање на филмот „Планетариум“, како и на мондијализмот, уметнички правец чиј творец е тој .
Владимир Петровски Картер потенцираше дека сите филмови на Урдин имаат универзални пораки и опоменуваат, а „Вода и оган“се однесува на подигање на еколошката свест во светот.

Реномираниот македонски уметник Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица, Македонија. Во 1969 година дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Белград. Во периодот 1973-1974 студирал на Ументичка академија во Париз, Франција, каде во 1977 година се здобива и со диплома по режија на Академијата за филм. Од 1984 година работи како независен сликар во различни земји. Од 2005 година е член на Македонската академија на науките и уметностите. Во својата творечка кариера има реализирано стотина самостојни изложби ширум светот и добитник е на бројни награди и признанија. Неодмана од домашната културна јавност беше прогласен и за „уметник на светот“.
М.Т.