Во ликовниот салон од Центарот за култура во Кичево вечерва беше отворена ликовната изложба со работен наслов „Надвор од школката“ на уметницата од Тетово, Елма Шерифи. Таа пред љубителите на уметноста во Кичево претстави 15 дела, кои за првпат се изложени во овој град, како што потврди Шерифи.
– Вечерва за првпат во вашиот град беа претставни 15 дела на изложбата со работен наслов „Надвор од школката“. Се работи за 15 дела изработени во техника акрил на платно. Овие дела се создадени последните две години, а главната инспирација за нив е жената и мајката, што лесно може да се забележи од нивниот изглед. Љубителите на уметноста од Кичево ја имаа таа чест први да ја проследат оваа изложба која во блиска иднина ќе гостува и во Франција и во други градови, како во земјава така и во странство – истакна младата уметница која учествувала на повеќе групни изложби во родниот град Тетово, Скопје и Струга, како и во Турција, Албанија и на Косово.
Шерифи е родена во Тетово во 1996 година, комплетното образование и Факултетот за ликовна уметност ги стекнала во родниот град Тетово, а понатамошното образование го го надградува на францускиот институт за мода „Изет Цури“.
Шерифи моментно е раководителка на одделението за култура во општина Тетово. З.А.