Вечерва, со почеток во 20 часот, во уметничкиот салон на Центарот за култура во Кичево, со триесетина свои дела во техника масло на платно и акрил на платно, ќе се претстави Драган Кузманоски-Барни, кому ова му е 14-та самостојна изложба и четврта изложба во градот каде што ги има поминато младешките години.
– На оваа изложба ќе бидат претставени повеќе од 30 уметнички дела, кои сум ги изработил во изминатите две децении. На вечерашната изложба ќе се претставам со повеќе дела што особено ја афирмираат руралната архитектура, која оставила автентична трага во елементите што добиваат поетично значење, покрај тоа што стануваат фактографски записи за едно изминато време – вели Кузманоски, кој освен на самостојни изложби, учествувал и на 31. Лесновска ликовна колонија, а бил дел и од заедничките изложби во 2008 „Креациите под Бистра“ и во 2013 во КИЦ – Скопје. З.А.