„Во потрага по нешто“ е насловена изложбата на реномираниот британски уметник Ричард Дикон, чие отворање е закажано за утре, во 18 часот, во Музејот на современата уметност. Дикон е добитник на престижната награда „Тарнер“ (1987) и претставник на Велс на Венециското биенале (2007).
Ричард Дикон е скулптор чија повеќедецениска скулпторска практика претставува впечатлив и препознатлив пример за континуирано преиспитување на смислата и значењето на константите и конвенциите на западноевропската скулпторска традиција, како и нивно редефинирање и реконцептуализирање во рамките на современата скулптура и уметност.
Изложбата ги опфаќа циклусите скулптури на Дикон со мали и средни димензии, изработени во дрво, создадени главно во текот на оваа и минатата година, како и серија дигитални принтови на полиестер – зголемени цртежи направени во апликацијата „Ноутс“ на ајфон.
– Доследен на својот работен метод, која се одликува со систематски пристап кон материјалот и јасни процедури преку кои материјалот го трансформира во форма, односно во визуелна интерпретација на меандрирачка содржина, и чиј исход е естетизиран предмет со извонредна и софистицирана едноставност, исполнет со значења и асоцијации, со отворени детали за тоа како и од што е направен – Дикон и во новосоздадените серии скулптури продолжува да ги истражува динамичните корелации меѓу формата и перцепцијата, внатрешното и надворешното, масата и просторот, односот меѓу длабочината, површината и структурата, апстрактното и (не)посредното, „фикцијата и фактот“ (РД), како и корелациите меѓу автономијата на зборот и неговите двосмислености од една страна, и од друга страна скулпторската форма како таква и нејзиното преведување во асоцијација, вербален опис, односно формулирање на нејзините можни значења – вели Јасмина Чубрило за опусот на уметникот.
Изложбата е во соработка со Британскиот совет, „Дот галерија“, британската амбасада во Скопје и Министерството за култура и туризам.