За прв пат попладнево во Центарот за култура во Кичево, со своја самостојна изложба се претстави младата уметница од Тетово, Арбана Дехари. Таа се претстави со 30 свои дела изработени во масло на платно. Уметницата нагласи дека дел од овие слики за прв пат се претставени на изложба, додека дел беа претставени во Културно информативниот центар на Македонија во Тирана.
-На моите слики преовладува ликот на детето, а запазен е и социјалниот момент. Во изднина ќе сликам и на други теми за да го збогатам својот сликарски опус. Делата што вечерва ги претставив во Кичево изработени се последните две година, а Кичево е моја четврта станица каде се имам претставено со една самостојна изложба, откако претходно самостојни изложби организирав во Дебар, Тетово и Тирана, а во текот на оваа година планирам да организирам самостојна изложба и во Гостивар – истакна Дехари.
Таа по вокација е ликовен уметник а студиите ги заврши на Државниот универзитет во Тетово во класата на професорот Решат Ахмети. Дипломската работа на уметницата е инспирирана од наивноста и искреноста на децата, што го потврдува и работниот наслов на дипломската работа „Портрет на децата како огледало на емоции“.
Дехари досега учествувала на 30 групни изложби. З.А.