Фото: Ка.М

„Македонија во светот на хералдиката“ е изложбата што ќе биде отворена на вечерва 3 септември, од 19.30 часот во Ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“, на која ќе бидат претставени над 70 грбови поврзани со Македонија почнувајќи од 14 до 21 век.

Изложбата ја реализираат ЦК „Марко Цепенков“ и Македонското грбословно друштво, а по повод 8 септември Денот на независноста на Република Македонија и 10 јуни, светскиот ден на хералдиката.

Поставката содржи 35 панели и има два дела. Првиот дел говори за историските грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, поделен во 3 дела: грбовите на Македонија од европските и илирските гробници, на Кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија. Вториот дел е за современите македонски грбови, поделен во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.

Автори на автентичната и интересна изложба се Иван Нацевски, потпретседател и д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од друштвото, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија.

Промотор на изложбата ќе биде публицистот Ставре Џиков.
На 10 јуни 1128 година, во Руен (сегашна Франција) англискиот крал Хенри I го прогласи својот иден зет, Годфри Плантагенет за витез. Во таа прилика му е доделен грб, на син штит, шест златни лавови 3-2-1, кој се смета за прв запис за доделување на грб во историјата. Затоа овој датум се прославува како светски ден на хералдиката.

Хералдика или грбословие е наука која се занимава со правилата кои владеат при дизајнирањето, блазонирањето (опишување, читање) на грбовите. Хералдиката е севкупност на грбови како симболичен идентитет на поединци и групи и земји. Хералдиката е уметноста на исцртување на грбовите – велат од Македонското грбословно друштво.

Ка.М