Неодамна од печат излезе збирката драми на Ана Ристоска Трпеноска под наслов „Драми“, а во издание на „Перун артис“ од Битола. Драмскиот ракопис на Ристоска Трпеноска во голема мера потсетува на промислувањето на Мартин Кримп, драматичар што сврте нова страница во британската драматургија.
– Таа е остра, неприкосновена, опскурна и ситничава во своите реплики, егзактна и сурова, но од друга страна е филозофски прибрана, длабока и неселективна. Во книгата се драмите: „Јас, на некое друго место“, „5:17“, „Да тргнеме, сењор“ и „Големите очекувања“. Овие четири драми зборуваат за драматуршка појава што во македонската драматика плени со својата специфика и комплексност. Драматиката на Ана Ристоска Трпеноска е тензична, со софистициран и ангажиран хумор. А кога ќе помислиме на пораките што остануваат да висат во воздухот… Веројатно ќе ги превртуваме низ мислите по заминувањето од претставата или при анализата на впечатоците од прочитот на оваа книга – вели издавачот на книгата.
Книгата може да се најде во повеќе книжарници.