„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Конформист“ на познатиот италијански писател Алберто Моравија, во превод од италијански на македонски јазик на Анета Симовска. Романот „Конформист“, првпат објавен во 1947 година, е едно од најзначајните дела на Моравија. Овој роман го направи еден од најчитаните повоени писатели во Европа. Истражувајќи ја врската меѓу потиснатите емоции и тоталитарното општество, како и човечката подготвеност да се потчини на менталитетот на конформизам и послушност во потрага по „нормален живот“, овој голем мајстор на стилот пишува возбудлив наратив. Благодарение на длабокиот увид во човековата природа, овој маркантен роман останува свеж и релевантен дури и денес.
Во романот детално се прикажани животот и желбата за нормалност на еден владин функционер за време на италијанскиот фашистички период. Главниот лик Марчело постојано е во потрага по тоа што тој го смета за нормален живот – нормални активности, нормален изглед, нормални емоции итн. Сепак, тој ја меша нормалноста со усогласеноста, и во својата потрага да се усогласи, ги потчинува своите веќе потиснати емоции. Кога природниот тек на неговиот живот му поставува етички дилеми – задачата да го предаде професорот Квадри, привлечноста кон други жени, освен сопругата – тој е лошо подготвен да се справи со нив. Моравија во овој роман ја интимизира врската меѓу сексуалната репресија и фашизмот.
„Конформист“ се смета за антифашистички роман и во 1970 година доживеа филмска адаптација во режија на Бернардо Бертолучи.
Алберто Моравија (1907 – 1990) е италијански писател, есеист, сценарист и критичар, чии дела проникнуваат во разни аспекти од современиот живот, како што се сексуалноста, отуѓувањето и егзистенцијализмот. Неговото вистинско име е Алберто Пинчерле (по потекло Евреин од Моравија, по што го зема псевдонимот). Цел живот бил критичен спрема фашизмот. Покрај политичките прашања, ги зафаќа и темите за отуѓувањето, лицемерството и малограѓанството. Поради неговата отвореност и критичко пишување, тој бил цензуриран и од фашистите и од Ватикан. За повеќе од шеесет години писателска кариера, објавил над четириесет книги, за кои ги добил најпрестижните италијански книжевни награди, меѓу кои и наградите „Стрега“ и „Виареџо“. Беше вечен кандидат за Нобеловата награда за литература, номиниран 13 пати меѓу 1949 и 1965 година. Неколку негови романи се филмувани.