После пет авторски дела од кои четири романи и една стихозбирка издадени од нашите реномирани издавачки куќи, кичевската авторка Милена Лунеска го издаде и шестото книжевно дело, а тоа е бајката за деца „Добриот цар и храброто момче Давид“ издадена од „Просветно дело“ од Скопје. Лунеска во 2012 година го издаде своето прво дело „Два часа“, четири години потоа го издаде романот „Исчистени души“, во 2018 година го издаде романот „Ќерката на премиерот“ и во 2021 година ги издаде делата „Добро утро љубов“ и „Љубов облечена во бело“.
– По пауза од четири години ја издадов и првата бајка за деца „Добриот цар и храброто момче Давид“, која беше издадена од страна на издавачката куќа „Просветно дело“ – Скопје. Бидејќи не планирам и како што тоа го прават и моите колеги, да не организирам вообичаена промоција, туку оваа книга ќе оди во едукативни програми и приредби кои си ги организира издавачот, а истата книга може да се промовира и низ театарски претстави. Оваа бајка е прва творба од ваков вид што ја издавам и се надевам дека многубројните читатели ќе бидат презадоволни од моето авторско дело – истакна Милена Лунеска.
– Таа посочи дека оваа книга е приказна за добрината, храброста и моќта на надежта што нѐ потсетува дека вистинските херои се оние кои и покрај стравот, се борат за она што е праведно. Ова е приказна за борбата помеѓу светлината и темнината, за тоа како храброста и добрината можат да го променат светот – додаде авторката.
З.А.