Четврто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал
Како што и беше намерата при неговото основање пред четири години, интернационалниот фестивал на етнографски филмови „Илинденски денови“ ни овозможува да гледаме, да дискутираме, да мразиме и да обожаваме филмови од сите краеви на светот, од автори подготвени да се одбранат или да откријат со емоции дека нивната порака – колку и да е тешка – била видена и слушната.
– Од пристигнатите речиси 2.000 филма од сите страни на светот, гордо можеме да кажеме дека нашиот фестивал само за четири години ги стави Битола и Република Македонија и нејзиниот фестивал на картата на светот на документаристите. Избраните филмови ни овозможуваат да се гледа на светот поинаку. Да се гледа на светот со љубопитни очи или, зошто да не, со љубов. Да се разнишаат нашите убедувања, преиспитувајќи го она што ни изгледа очигледно, што може да биде постимулативно и повозбудливо. Едноставно да бидеме допрени од поезијата на една средба, на еден дијалог. Да излеземе од патеките на предвидливото, очекуваното и да се осмелиме да се сретнеме со личности или групи што се впуштаат во посебен однос со светот и чувствувајќи го задоволството што сме следеле дел од патот со суштества што се и реални и нематеријални или имагинарни. На ова нè поканува интернационалниот филмски фестивал „Илинденски денови“, кој во изминатите четири години стана средба што со нетрпение се очекува во Битола, која станува за неколку дена седиште и дом на сите светски култури од сите континенти, кои, мора да се каже повторно, е исклучително посебна – вели Тони Гламчевски, селекторот на фестивалот.
Интернационалниот фестивал на етнографски филмови е културен настан посветен на прикажување филмови што ги истражуваат културите, општествата и начинот на живот на луѓето низ светот. Пред публиката во малата сала на НУ Центар за култура – Битола во утринските часови и во киното „Манаки“ во вечерните часови, ќе бидат прикажани 31 филм од кои 15 се краткометражни. Овие филмови, честопати режирани од антрополози или специјализирани филмски работници, имаат цел да ги документираат и подобро да ги разберат практиките, традициите, верувањата и средините на проучуваните заедници. Фестивалот на тој начин обезбедува платформа за споделување на овие визуелни наративи, поттикнување на меѓукултурниот дијалог и подигање на јавната свест за човековата различност.
Богатството на етнографските филмови лежи главно во неколку аспекти: импресивниот пристап, кој го потопува гледачот во срцето на снимените заедници, нудејќи искуство блиско до реалноста што ја живеат проучуваните луѓе; културна документација, која ги доловува практиките, ритуалите, јазиците, знаењето и начините на живот што често се малку познати или загрозени, со што придонесуваат за нивно зачувување; човечка перспектива – наместо да се ограничуваат на апстрактна анализа, овие филмови им даваат глас на членовите на заедницата, откривајќи ги нивните емоции, приказни и гледни точки; разновидност на форми на етнографските филмови, кои можат да се движат од класични документарци до поекспериментални форми, овозможувајќи голема креативност во раскажувањето приказни. Тие се алатка за рефлексија што нè поканува да ги преиспитаме сопствените култури и предрасуди, соочувајќи го гледачот со различни реалности.
Накратко, богатството на етнографските филмови истовремено е уметничко, научно и човечко, што ги прави непроценливи за меѓукултурното разбирање.