Од печат излезе нов превод од латински јазик во едицијата „Арго“ на издавачката куќа „Или-или“. Станува збор за книгата „Избрани дела“ од Публиј Корнелиј Такит, која ги содржи делата „Агрикола“, „Германија“ и „Дијалогот на говорниците“, во превод од латински на македонски јазик на Весна Димовска-Јањатова и Војислав Саракински.
„Агрикола“ или „За животот и карактерот на Агрикола“ е посмртно пофално слово напишано во чест на истакнатиот римски политичар и војсководец Агрикола од страна на неговиот зет Конелиј Такит – говорник, историограф, политичар, сенатор и угледен аристократ од периодот на принципатот и нововоспоставената монархија. Возвишувајќи ги војничките вештини и моралните доблести на Агрикола, како заднина во рамката на панегиричната слика, ненаметливо но сепак убедливо Такит вметнува и политички мотиви и историско-етнографски опис на Британија. Ова возбудливо четиво се претвора во пофалба на римската чест и доблест. „Германија“ или „За потеклото и местоположбата на Германите“ според повеќе критериуми се вклопува во етнографската книжевна традиција.
„Дијалогот за говорниците“, пак, низ дискусиите на познатите говорници за
причините за пропаѓањето на римското говорништво го критикува принципатот како уредување што ги задушува слободите, вклучувајќи ја и слободата на ораторите, па монархијата ја изедначува со тиранија, го критикува апсолутизмот на Домитијан и ги открива надежите во доаѓањето на новата власт на Трајан.
Публиј Корнелиј Такит (55/57-117 г.) бил римски историограф, сенатор и конзул. Тој е автор е на делата „Агрикола“, „Германија“, „Дијалог за говорниците“, „Анали“ и „Истории“.