Од 17 до 19 јануари во Скопје се одржа изборно заседание на Академија Балканика Европеана во просториите на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима, со гости од повеќе земји на Југоисточна Европа.
Заседанието го отвори проф. д-р Александар Трајковски, ректор на ИУ Еуропа Прима, кој потсети дека, во очи на десетгодишнината на оваа прва наднационална академија во балканската современа историја, неколку настани треба да бидат споменати пред нејзиното формирање.
Пред сè, симпозиумот „Европа и Балканот – да се биде или не“, кој се одржа во пролетта 2015 година и на кој учествуваа поголем број врвни театарски актери од сите балкански земји, кои ја играле улогата на Хамлет, како и нивните презентации на различни балкански јазици, каде што хамлетовската дилема „Да се биде или не“ се поистоветуваше со односите меѓу Европа и Балканот во историски контекст.
Симпозиумот беше воден од претседателот на Европската академија на уметностите, науките и книжевностите, Жан-Патрик Конрад од Империјал колеџот во Лондон, а еден од најпознатите Хамлети во балканската историја, Јон Карамитру, прв министер за култура на Романија по падот на Чаушеску, беше прогласен за Doctor Honoris Causa на ИУ Еуропа Прима.
Од тој настан произлезе Скопската декларација за Балканот како интегрален дел на европската цивилизација.

По две години и по изборот на Матичната комисија, во октомври 2017 година, во Националниот театар во Букурешт, Романија, се формира Академија Балканика Европеана со врвни личности од сите балкански земји, која за свое гесло ја одбра реченицата на швајцарскиот писател Никола Бувие (1929–1998): „Балканот е срцето на Европа“.
За почесен претседател беше избран Жан-Патрик Конрад, за претседател Јон Карамитру, а за генерален секретар Јордан Плевнеш.
Академијата реализираше, со УНЕСКО и со различни европски институции, повеќе манифестации што значат градење мостови меѓу балканските земји на културен и научен план и, како партнер на Фестивалот на Југоисточна Европа SEE Paris – Berlin – Washington, доделува признанија за животно дело на истакнати уметници кои оставиле неизбришливи траги во нивното творештво.
Академија Балканика Европеана го издава и месечното списание „Bridges“, чиј главен уредник е албанскиот писател Башким Шеху, и на чии страници објавуваат голем број врвни имиња од балканските култури.
По заминувањето на Јон Карамитру во вечниот живот, за претседател на АБЕ беше избран македонскиот писател Јордан Плевнеш, и во текот на овие години се избрани околу 40 академици во сите сфери на уметностите и науката.
На изборното заседание што се одржа во Скопје, прво обраќање имаше Жан-Патрик Конрад од Лондон, кој истакна дека европскиот дух не може да се замисли без балканската цивилизација и културите на сите земји кои се интегрален дел на Обединета Европа.
Во тој дух, собирот го поздравија и Јордан Плевнеш, претседател на АБЕ, Зенделабедин Шехи, претседател на Европскиот институт за менаџмент, право и дипломатија, како и академик Љубомир Кекеновски, кој е претседател на Научниот совет на АБЕ.
Свои обраќања за идните проекти имаа и академиците Игор Мировиќ и Ненад Шапоња, кој беше избран за претседател на Академија Поетика Балканика, која ќе обединува истакнати поети од балканските земји низ девизата: „Поезијата сепак може да го спаси светот“.
За нови академици на АБЕ свечено беа избрани: Селимир Радуловиќ, Иван Негришорац, проф. д-р Атанас Козарев, проф. д-р Анис Сефиданис, проф. д-р Исмаил Алии, д-р Драган Тојагиќ и Зенун Фејзула.

Во рамките на Акциониот план на Академијата, кој ќе остварува на европско и светско ниво, посебно внимание предизвика обраќањето на д-р Игор Радев, еден од најугледните истражувачи на историјата на кинеската култура и цивилизација. Радев детално го претстави повеќегодишниот проект што АБЕ ќе го реализира со повеќе кинески институции во текот на следната деценија, со размени на автори и научници во областа на литературата, кинематографијата, науката и филозофијата.
Како што е познато, уште во 2016 година ИУ Еуропа Прима, со Националниот музеј од кинескиот град Нингбо, го организира Фестивалот на кратки и документарни филмови од земјите на Централна и Југоисточна Европа.



































