Кинотеката на Македонија, во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје, го организираше настанот „Недела на полски филм“, кој завршува денеска, по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија.
Во рамките на оваа тематска филмска недела, публиката имаше ретка можност да погледне избор од значајни полски филмови што оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфати наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.
Филмската недела почна со проекција на филмот „Соларисљубив моја“ ( 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Гостинка на оваа проекција беше монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков разговараше за нејзината работа на ова филмско дело. Сите проекции се одржаа во киносалата на Кинотеката, а беа прикажани филмовите: „Слепа шанса“ (1987), „Осамена жена“ (1987), „Актери од провинција“ (1979), „Зелена граница“ ( 1923) и „Јадицата“ ( 2015)
Програмата беше реализирана во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ како дел од меѓународната културна програма на полското претседателство со Советот на Европската Унија 2025.