- Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач, стои во образложението на комисијата.
Наградата ја доделува Европската унија (EU Prize for Literature – EUPL), а годинашен македонски организатор е ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која ќе учествува во сите активности поврзани со номинацијата.
Европската награда за литература се доделува за прозна книга на автор во подем. Следејќи ги прецизните критериуми на ЕУ, жири комисијата во состав: Лидија Капушевска Дракулевска (универзитетски професор), Владимир Јанковски (писател и македонски кандидат за наградата во 2022), Александра Јуруковска (книжевен критичар) – како членови и Снежана Стојчевска – директор на ГБСК и претседател на комисијата, едногласно ја избра збирката раскази Зентрифуга од Иван Шопов, на издавачката куќа „Бегемот“, за македонски преставник за Европската награда за литература за 2026 година.

Според жирито Зентрифуга се издвојува од останатите дела по книжевниот квалитет и зрелост во изразот, преку својата автентичност, оргиналност и изграден стил. Книгата има компактна, хомогена композиција од 75 микрофикции (мини раскази, куси прози) распределени во три циклуси од по 25 прозни записи. Таа плени со луцидност и хумор, со приказни за маргинализирани, навидум необични ликови, чудаци, патници, лудаци, луѓе кои и физички му припаѓаат на предградието. Овие места се извесен хронотоп, последени бедеми на антибаналноста и антимеланхолијата, каде што и кога не се случува ништо, се случуваат многу нешта. Во кратките, густи приказни за овие локални добродушници од периферијата, се исцртува и една мапа на градот надвор од неговото јадро, пејзаж на местата кои понекогаш се далеку од радарот, а кои се неверојатно инспиративни за лудистички пресврти. Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач. Зентрифуга е збирка што го држи вниманието на читателот со исто темпо од првиот до последниот текст, што ја прави допадлива и привлечна и за читање и за превод, и за нејзина комуникација и надвор од македонското говорно подрачје – стои во образложението на комисијата.
Иван Шопов (Скопје, 1987) е македонски писател, преведувач и уредник. Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги со кратки раскази, песни во проза и сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Дел од расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки, грчки и на бугарски јазик. Преведува од англиски, српски, бугарски и хрватски јазик. На македонски превел книги од Емброуз Бирс, Марта Нусбаум, Мирослав Крлежа, Михаил Вешим, Асја Бакиќ, Звонко Карановиќ, Мадлен Тиен… Основач е на мобилниот културен центар КЦ 750, заедно со Владимир Лукаш.
Во изборот за македонски кандидат за наградата учествуваа 15 наслови од 15 автори од 8 издавачки куќи. Од нив покрај Зентрифуга на Шопов, во поетесниот избор од три наслова влегоа и Каде леташ, Јулија? од Хана Корнети (ИК Или Или) и И моќта ќе помине од Ирена Јурчева (ИК Три), а во поширок избор и книгите Потклек од Љупчо Петрески (ИК Бегемот) и Наназад од Стефан Алијевиќ (ИК Илика).
Според критериумите на ЕУ номинираниот автор треба да има објавено од 2 до 4 прозни книги и да нема повеќе од 4 преведени книги на странски јазици. Книгата не треба да биде постара од 18 месеци, да биде објавена од издавачка куќа, да е достапна во книжарниците и да е во согласност со европските вредности. Авторите кои веќе ја добиле наградата или биле во потесен избор не можат да бидат повторно номинирани. Оваа година во изборот за Европската награда влегуваат 14 земји: Ерменија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Косово, Луксембург, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Шведска.
Европската награда се доделува од 2009 година и досега во изборот учествувале околу 200 автори. Наградата ја промовира литературната разноликост и меѓу-културниот дијалог во Европа. Досегашни македонски добитници на EUPL се Гоце Смилевски за Сестрата на Зигмунд Фројд (2010), Лидија Димковска Резервен живот (2013), Ненад Јолдески Секој со своето езеро (2016) и Петар Андоновски Страв од варвари (2020).
Прогласувањето на годинашните добитници ќе се одржи на 29 мај во Музејот на современа уметност во Варшава. Победникот ќе добие 10000 евра и издавање на два превода, додека двајца автори ќе добијат специјално признание, 5000 евра и објавување на еден превод. Во септември ќе биде промовирана и антологија со извадоци од сите номинирани книги преведени на англиски јазик. Преведените книги на добитниците ќе бидат промовирани во октомври на Саемот на книга во Франкфурт




































