Софија Христовска, млада режисерка, на фестивалот „Преку езерото“
Филмот „Езерото“ на Софија Христовска е филм што ја обработува темата „Старост“, односно протагонистот е 80-годишен старец што е љубител на животот и се однесува како дете, меѓутоа е однесен во старечки дом и таму животот му се менува, односно е ставен во искушение да живее по туѓи правила и се обидува да се адаптира на тие услови…
Филмот беше дел од Програмата за развој и продукција на дипломски или дебитантски краткометражен игран филм на фестивалот на медитеранскиот филм „Преку езерото“, наедно и магистерска работа на режисерката по филм и телевизија Софија Христовска. Филмот трае 15 минути. Во главните улоги се Петар Мирчевски и Тамара Ристоска. Директор на фотографија е Димитар Атанасоски.
Каде е сниман филмот „Езерото“?
– Најголем дел од филмот е сниман во државниот старечки дом во Скопје „Мајка Тереза“. Другите сцени се снимани во стан во Центар и на брегот на Охридско Езеро, на Љубаништа. Филмот се снимаше шест-седум дена, од кои четири-пет беа полни 12 работни часа, а другите денови се доснимувани некои кадри. Во моментов филмот е при крајната фаза во постпродукција, односно работиме дизајн на звук и музика.
Како дознавте за грантот на фестивалот на медитерански филм?
– За грантот дознав од продуцентот на серијата „Утре наутро“ додека работев на серијата како втор асистент на режија. Тој ме охрабри да се пријавам. За мене оваа поддршка значеше многу, затоа што секако ми претстоеше снимање магистерски филм и дополнителна финансиска и техничка поддршка ми беше потребна со цел да може филмот да има поголема продукциска вредност. На младите особено им значи ваков вид поддршка, затоа што генерално сме спречени да создаваме филмови поради тешкотиите на продуцирањето без буџет и голем дел се откажуваат иако имаат визија и идеи што можат да се развијат во нешто многу поголемо, така што ваквиот вид поддршка влијае не само финансиски и технички туку и психолошки, односно ни создава надеж дека нашите идеи можат да бидат реализирани.
Какви Ви се искуствата од учеството на фестивалот „Преку езерото“?
– Тоа беше прекрасна можност за создавање убави пријателства. Минатата година она што всушност требаше да биде натпревар меѓу четири тима за добивање грант, на крајот испадна вмрежување и другарување меѓу четирите тима поради начинот на реализирање на работилницата, но и од исходот. Исто така, имавме можност да работиме со прекрасен ментор – Александар Русјаков, кој неколку месеци беше достапен за нас и за доработување на нашите сценарија. При реализирањето на филмот се соочивме и со логистички и технички и креативни предизвици, меѓутоа она што најмногу би го издвоила е креативниот предизвик, односно правење креативни компромиси во одредени моменти поради барањата на самиот филм, односно борбата меѓу филмот и она што филмот го сака со она што јас првично сум го замислила.
Дали филмот ќе има можности да оди на фестивали?
– Снимањето на филмот и подготовките во претпродукција за мене претставуваа еден огромен ролеркостер на емоции, затоа што колку и да беа подготвени и решени одредени работи, филмот е работа со луѓе и е жива материја и никогаш не се знае во кој момент што би можело да тргне наопаку од замисленото. Исто така, најголем дел од сцените ми беа екстериери и зависеа од виша сила, односно од временската прогноза. Токму и тоа се случи – еден снимачки ден моравме да одложиме поради временската прогноза. Меѓутоа тоа искуство и сите други попатни предизвици што излегуваа при снимањето ме научија дека всушност тоа е филмот, адаптација на условите што ги имам и реагирање правилно (или неправилно) во дадената ситуација и користење на максимумот од тоа што постои во моментот. Во тие моменти всушност креативноста и мојот вистински карактер излегоа многу повеќе на виделина. Ова искуство ме нурна во подеталниот процес на тоа што всушност значи да се биде режисер и од секој дел од процесот учев многу за работата и за комуникацијата со луѓе. Сега, кога сум речиси во завршна фаза и објективно гледам на работите, можам да препознаам што би променила во иднина. Исто така, она што се обидував да не го заборавам е да научам да имам трпение затоа што со иста љубов и внимание морав да бидам посветена од првиот до последниот снимачки ден, без разлика која емоција ја чувствував во моментот. Истото се однесува и во процесот на постпродукција. Секој детаљ е битен и мора да се посветува внимание и да се има истото трпение од почетокот до крајот.