Македонската филхармонија го најавува концертот „Искра“, кој ќе се одржи денеска, со почеток во 20 часот. Како солист, овој пат ќе настапи еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ, моментно концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, „Марински театар“ и Минхенската филхармонија.
Врвниот Симовиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од најзначајниот руски симфоничар Димитриј Шостакович, дело што се смета за едно од неговите најдобри дела, а му го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.
Оваа вечер, на програмата се и Адаџото од гудачки квинтет во Еф-дур од австрискиот музички гениј Антон Брукнер, како и Симфонијата бр. 5, оп. 55 во бе-мол од Александар Глазунов наречена „Херојска“, опишана како „архитектонска поема“.
Маестро Даниел Рајскин (1970) е познат како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката, кои ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи ги поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што ја поттикнува тоа кај изведувачите.
Еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ (1981), моментно е концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, а во исто време е ангажиран и како концерт-мајстор со „Марински театар“ и со Минхенската филхармонија. Се издвојува од другите виолинисти по неговата брилијантна виртуозност со неограничена имагинација. Заедно со неговиот вроден талент за музика, овие квалитети ќе го однесат Симовиќ на светските сцени, настапувајќи со врвни оркестри и диригенти. Наградите се уште една потврда за неговата исклучителна уметничка физиономија: Родолфо Липицер (Италија), Сион-Вале (Швајцарија), виолинскиот натпревар „Јамполски“ (Русија), Хенри Виењавски (Полска), кои го сместија меѓу најзначајните виолинисти од неговата генерација.
Со семејството емигрирал од Украина во 1991 година, во најлошото време за овие простори, во време на војна, инфлација, ембарго. И самиот вели дека бил принуден да си замине и од Украина, каде што, исто така, ситуацијата била лоша. Студирал на Академијата во Цетиње, а со стипендијата што ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии, кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна. Вели дека Русија му го сменила животот и дека неговата професорка Марина Јашвили му наметнала нов начин на размислување за свирење на виолина.