Престижниот медал „Гете “ за нашата теоретичарка и културна менаџерка
Искра Гешоска е меѓу тројцата добитници од светот на медалот „Гете“ за придонес во културната размена. Во образложението на жирито за доделување на престижното признание се наведува дека таа создала важни платформи за независната културна сцена во Македонија.
– Македонската теоретичарка на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска е меѓу трите добитнички на медалот „Гете“ за 2024 година – соопшти „Гете-институтот“.
Наградени се и литературната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и театарската работничка Кармен Ромеро Кверо од Чиле. Медалот „Гете“, како што објави „Дојче веле“, е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство, се наведува во одлуката.
Наградата ќе биде доделена во Вајмар на 28 август, денот на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете (1749-1832).
Во образложението на жирито за доделување на престижното признание на Искра Гешоска се наведува дека таа создала важни платформи за независната културна сцена во Македонија. Таа е соосновачка на фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави. Гешоска е ќерка на македонските театарски доајени Милица Стојанова и Димитар Гешоски.
– Токму во време на мултилатерални кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Годинешните добитнички се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање на извонреден начин, без да се обесхрабрат од препреките – вели претседателката на „Гете-институтот“, Карола Ленц.
„Гете-институтот“ го доделува медалот еднаш годишно од 1995 година како официјално одликување на Сојузна Република Германија. Со медалот се одликуваат личности од целиот свет што дале посебен придонес во наставата по германски јазик и меѓународната културна размена. Веќе извесен период институтот им оддава почест на тројца културни актери од различни региони. Меѓу претходните носители се вбројуваат Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел односно Џон ле Каре, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Аријане Мнукин. В.Д.