Академија „Балканика Европеана“ вчера ја одржа својата свечена церемонија за доделување на наградата „Јон Карамитру 2025“ во Народниот театар во Битола, на отворањето на „Шекспир фестивал“.
Наградата, која Академијата ја доделува во соработка со Романскиот институт за култура, (IRC) е именувана по Јон Карамитру — познатиот романски актер, режисер и прв претседател на академијата. По неговото заминување во вечноста, функцијата претседател на Академијата ја презеде Јордан Плевнеш.

Во рамките на академијата членуваа врвни уметници и интелектуалци од Југоисточна Европа, а меѓу нејзините почесни членови се истакнуваат нобеловецот Орхан Памук, уметничката Марина Абрамовиќ, како и значајни историски фигури како Жорж Бани, Вангелис и Роберт Вилсон.
Оваа година, меѓународното жири донесе одлука наградата да му се додели на угледниот унгарски театарски режисер Иштван К. Сабо, чија интерпретација на „Макбет“ ја отвори годинешната програма на „Шекспир фестивалот“. Во образложението на жирито беше истакнато дека неговата уметничка визија и мајсторство „ќе останат впишани во вечната историја на сценската уметност и дека неговото име ќе продолжи да инспирира и осветлува“.
Во 2024 година првата награда „Јон Карамитру“ му беше доделена на Тиаго Родригез, театарски режисер од Португалија и директор на Меѓународниот театарски фестивал во Авињон, Франција.
Наградата на годинешниот добитник му ја врачи истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски, член на меѓународното жири.
Со ова признание, Академија „Балканика Европеана“ ја потврди својата улога како платформа која ги афирмира уметниците со глобално влијание и придонесот на театарската уметност за меѓукултурниот дијалог на Балканот и пошироко.





































