Универзитетот „Адам Мицкиевич“ (АМУ) во Познањ, Полска, од 1988 година нуди меѓународни постдипломски студии за интерлингвистика на есперанто. Тригодишните студии имаат широк опсег и поради тоа што не постојат основни студии за есперантологија и интерлингвистика, заинтересираните со која било универзитетска диплома можат да се вклучат. Секој семестар се патува во Познањ, на една интензивна седмица, а во меѓувреме самостојно се изработува есеј и на крајот се полага испит. За сегашната осма група, само септемвриската сесија се реализира со присуство, но за време на студиската година има можност за гостувачки предавања и учество на студенти со прилози.
Специјализациите во третата година од студиите се фокусираат на професионализација за есперанто, настава, меѓународна и меѓукултурна комуникација или за разни области од есперантологија. Можно е и да се продолжи да се докторира на интерлингвистичка тема.
Во 25-годишната историја на студиите, 182 студенти од 36 земји од четири континенти ги започнаа своите студии во осум последователни групи, од кои обично една третина ги завршува студиите. ЕСФ обично нуди и неколку стипендии.
Освен учесниците, интернационалноста ја потврдуваат и наставниците, кои се специјалисти во својата област. Илона Коутни е основачка и раководителка на интерлингвистичките студии, а тука се и Збигњев Галор за есперанто-култура и социологија на движењето, Мајкл Фарис за генерална лингвистика, а од полските колеги – Томаж Чмилих и Лидија Лигеза за есперантска литература. Вклучени се и повеќе надворешни соработници на курсевите по фонетика, интерлингвистика, литература… Курсевите овозможија некои од студентите подоцна да напишат книга, а по повеќегодишни искуства се објавени и материјалите од студиите: „Интерлингвистика“ на Вера Барандовска-Франк (2020 г.), „Есперанта културо“ во редакција на Илона Коутни (2022 г.) и „Комуникадо кај есперанто“, кои ја илустрираат и ефикасната соработка меѓу наставниците и студентите.
Секоја трета година се одржува Интерлингвистички симпозиум, отворен и за колеги неесперантисти чија преокупација се интеркултурна комуникација и области блиски на интерлингвистика. Од материјалите на петтиот симпозиум (2020) настанаа две тријазични книги во серијата на Етнолингвистичкиот институт. Студиите добро се интегрираа во Лингвистичкиот институт, како и во институтската лингвистичка ревија ИКИ (јазик, комуникација, информација), се појавија редовни есперантолошки написи, неколку и на есперанто. Благодарение на редакторската работа на Илона Коутни и на Ида Стриа, традицијата продолжува со лингвистичката ревија „Инвестигационес лигвистикае“.
Превод од есперанто: Татјана Шошолчева Ропајкова