Рецензија

  • (Кон настанот на Националниот театар од Грција во Атина, 2025 г., Атина, Грција)

Големиот антички филозоф Аристотел во својата „Поетика“ ќе рече: „Секој збор е или актуелен, или чуден, или метафоричен, или украсен, или новоизмислен, или продолжен, или скратен, или изменет“. Настанот на Националниот театар на Грција ни изговори многу зборови што пленат, што возбудуваат и што одушевуваат. Во текот на четирите дена, претставите на Националниот театар на Грција на различни сцени отворија низа концепти, низа различни начини на промислување на театарот, но и различни погледи кон светот, што е од голема важност за динамиката и движењето на европскиот театар воопшто. За време на ова, раскошно со настани, претставување се одржа и конференцијата на Европската театарска конвенција во која учествуваа и новопримените членки, меѓу кои и Македонскиот народен театар од Скопје. За време на оваа конференција беше ставен акцент на манифестот „Отпор сега заедно“, кој како писмо беше испратен до европските политичари во зимата 2024 година, а за таа тема, и за сè друго што го засега театарскиот живот во Европа, зборуваа и Олександра Матвијчук, лидерка на добитникот на Нобеловата награда за мир, Центарот за граѓански слободи, Аргиро Хиоти, уметничката директорка на Националниот театар на Грција, Мило Рау, уметнички директор на Виенскиот театарски фестивал и на Слободната република Виена, Џефри Ерик Џенкинс, претседател на Меѓународната асоцијација на театарските критичари, Катерина Евангелатос, уметничка директорка на Фестивалот во Епидаврос, Савас Патсалидис, главен уредник на „Критички сцени“, онлајн списанието на Меѓународната асоцијација на театарските критичари, Клаудија Белкиор, претседателка на Европската театарска конвенција и генерална уметничка координаторка на културниот центар „Белем“ во Лисабон, Португалија, и Хајди Вајли, извршна директорка на Европската театарска конвенција. Говорејќи за горливите прашања на театарскиот живот во Европа, за театарските стеги најмногу од финансиска природа, оваа конференција укажа на слободата на театарскиот уметник, како и на преголемото промашување на политиката во одлучувањето и креирањето на театарските политики, особено во чувствителните делови на Европа, кои сè уште не се дел од европското семејство.

Во рамките на настанот, Националниот театар од Грција ги изведе претставите: „Пандора“, симболистичка претстава во режија на Вици, која претставува едно сосема нов читање на митот за Пандора, архетипското битие на човештвото чии цивилизациски контексти на некој начин стануваат и координата и за овоземното човечко битисување, претстава што импонираше со својата ритуалност и актерска елоквенција, „Наследство“, по драмскиот текст на Метју Лопез, инспириран од романот на Е.М. Форстер, а во режија на Јанис Мосхос, се чини претстава што остави најголем впечаток, која зборува за разорувачка искреност за животите на геј-мажите, истражувајќи прашања што се однесуваат на секој човек, без оглед на полот или сексуалната ориентација – како што се љубовта, загубата, семејството, идентитетот, индивидуалната одговорност, чувството на припадност, зачувувањето на историското сеќавање и – пред сè – правото на љубов, динамичната комедија „Каријатида“, по текстот на Ѓоргос Капуцидис, која се занимава со смешниот аспект на античкото наследство, со извонредни актерски партии во режија на Катерина Мавроѓоргис, исклучително интересното видување на Чеховите „Три сестри“ на режисерката Марија Маганари, каде што достагата на Маша, Олга и на Ирина станува тивка цинична агонија што треба да го изроди новиот свет на осаменоста за кој Чехов пишувал сто години порано, претстава што импонираше со рециклираната нишка на копнежот оставајќи ликовите самите да се справат со несреќата што ја претставуваат како магиски круг што нема крај, особено визуелно раскошниот „Фауст“ по драмскиот текст на Ј.В. Гете во режија на Арис Бинијарис, кој дејствијата и ликовите ги детерминира во денешно милје создавајќи една алегорија што низ шмекот на цивилизациските недоразбирања на дваесет и првиот век создава еден свет чија првична категорија е осаменоста, а последната е недостапноста, претстава што особено одушеви не само со својата визуелност туку и со својата актуелност одлично транспонирана преку кореографијата и актерскиот израз, „Народниот непријател“, драмскиот текст на Хенрик Ибзен адаптиран на грчкиот простор од страна на режисерот и костимограф на претставата Константинос Василакопулос, тензична драма што во своето актуализирање нè потсетува на тоа дека моралот, правдата и искреноста отсекогаш биле далечни дури и во денешно време, интимна драма со извонредни актерски партии одиграна на камерната сцена „Катина Паксину“, а тука беше и една особено интересна детска претстава под наслов „Нилс Холгерсон, Лилика и четирите Пи“ по текст и режија на Елиас Кунелас, текст инспириран од делата на Нилс Холгерсон, Селма Лагерлеф и Лилика Наку, претстава што говори за слободата на еден игрив и колоритен начин.

Во составот на театарскиот настан во Атина се одржаа и неколку мошне интересни средби во кои беа претставени делата на младите грчки драматичари, како и сјајните сесии каде што се претставија и театарските проекти на младите грчки режисери.
Грција е колепката на драмската уметност воопшто. Длабоките вертикали на античката трагедија и комедија ги изродиле и современите толкувања на човековата цивилизација, а театарот секогаш е знак, порака, но, како што вели Аристотел во својата „Поетика“, и метафора што го детерминира генијот.
Овој настан на Националниот театар од Грција ни ја отвори палетата на разновидните толкувања на човековата цивилизација и низ своите театарски проекти нè одведе низ сите значенски простори на современите болки и радости. Заедно со конференцијата на Европската театарска конвенција, овој настан ни покажа дека театарот не е само уметничка коинциденција со човековите животни движења туку е и место за бунт, промена и за стратегија во која различните толкувања на човековото „сега и овде“ би ја формирале и филозофијата на иднината, која, за жал, сè повеќе и повеќе наликува на дистописка. Секој уметнички детерминиран театарски живот не е само инспирација од реалитетот, туку е и негова интерпретација, па така, различните жанрови и режисерски концепции ни открија еден особено ангажиран театар чии пораки се надеваме дека ќе се слушнат далеку.

Сашо Огненовски