Влатко Деловски, директор на манифестацијата „Смилевски конгрес“

Манифестацијата „Смилевски конгрес“ е автентичен концепт за промоција и заживување на културната меморија и традиција преку активна и современа култура. Организатор е истоимената новооснована национална установа од Министерството за култура, со седиште во родната куќа на војводата Даме Груев во Смилево, чиј директор е Влатко Деловски, дипломиран етнолог и магистер по културолошки студии.

Како потекна идејата за манифестацијата?
– Помислете, на пример, човек што сака да пренесе некои идеи што одамна ги има во себе, како ментални слики. Тој не е сосема сигурен како тие слики се вклопуваат една со друга во неговиот ум, па малку експериментира, ги изразува работите, прво на еден, па на друг начин; за најпосле да се врати во детството/младоста. Изворот е длабоко под вода, не може да се види, но се чувствува со помош на спомените што ги испуштаме/собираме по пат, како Хензел и Гретел на браќата Грим. Спомените што нѐ враќаат назад во детството ја уништуваат секоја загуба. Овие лични длабочини и стекнати животни искуства, сега споени со еден мошне нов предизвик, цврст мост – Смилевски конгрес и Даме Груев (корифеите и симболите на македонската борба), носат одговорност, пред сѐ поради вртоглавото значење за македонскиот народ. Постои и еден друг бедем: самото име Смилевски конгрес – дадено за навек, носи огромна тежина. Искрено, длабоко во себе, чувствувавме потреба да се „олесни“ овој товар и благослов – од друга страна. Заедно со Пеце Трајковски-Брадата („Фолтин“) го срочивме статутот на манифестацијата да одговара со вредностите на нашето (лично) време за посредување во културата – како центар за култура што ќе промовира и презентира жива авторска и квалитетна култура, наспроти инсистирањето институцијата да заврши на прашливите полици на културното наследство како скаменет музеј – спомен-куќа за Даме Груев и толку. И наместо да изградиме уште еден музеј што ќе биде еднаш посетуван за време на Смилевскиот конгрес, си отворивме работа и почнавме од корен да го организираме селото, поставувајќи си пред себе голем предизвик. Целта ни е да создадеме дела што би ни овозможиле да излеземе од ограничената перспектива на едно индивидуално јас, не само за да влеземе во други јас слични на нашето туку за да му дадеме збор и на она што нема зборови, на скулптурата на Даме Груев што стои до олукот крај неговата куќа, на сигналниот сообраќаен знак обесен на лествицата во дворот, на магарето колосано во дворот на комшијата, на каменот, на цементот и басмата, на светлечките инсталации, на пластиката…
Зошто го избравте токму селото Смилево за дом на манифестацијата?
– Кога размислувам за рурална средина во Македонија (не секаде во светот) и Смилево како дел од овој наш микросвет, на памет ми доаѓа безвременоста. Во Смилево не тече времето – митско време. Тоа е огромен благослов, оти човек може да седне под некое дрво во коријата или крај манастирот и длабоко да созерцава или да денгуби. Мене ми е особено драго што токму во местото каде што се родил Даме Груев и се организирал Смилевскиот конгрес се создаде оваа национална институција. Смилево е планинско мијачко село со околу 180 жители резидентно население. Манифестацијата на Смилево му ги дава крилјата на Пегаз, му дава надеж и вера дека некој се грижи за тие души, истакнувајќи го Смилево како најважното село (кога се однесува на организирана борба) во Македонија. Смилево со неговото огромно значење да беше во Германија, сигурно немаше да се прашуваме зошто манифестацијата е токму таму направена. За жал, мораме сите заедно да се потрудиме да му го вратиме достоинственото место на Смилевски конгрес и Даме Груев, ако не за нешто друго, барем за помен на починатите паднати за слободата што денес ние залудно ја трошиме.
Колку оваа манифестација ќе ја збогати македонската културна сцена?
– Сакаме да донесеме автентична култура, не оригинална. Кога мислам на автентичност, сакам да кажам искреност, верност до квалитетот, критичност и жив дух. Манифестацијата во основа е поврзана со авторски музички настани во текот на целата година, но не помалку значаен ни е секој сегмент од културата и уметноста: ленд арт, арте повера, уметнички инсталации, танцови перформанси, изложби, монодрами, јавни дискусии, поетски настани, издаваштво, визуелна уметност, скулптура, сликарство, културен туризам, активности на отворено…, оти Смилево има капацитет за тоа. Да се познава духот на едно место, значи да се интервенира, да се вметне нешто во стварноста, односно да се деформира стварноста. Принципот на директно вмешување, преку уметност и култура, значи менување на стварноста во која опстојува селото. Тоа е културна имплозија и внатрешна раздвиженост, а имплозијата крие во себе тивка револуција.


Која е целната публика што сакате да ја предизвикате да го посети Смилево?
– Секако цел ни е помладата публика, но најзадоволни би биле со критичка публика – не мора да е премногубројна, која знае да цени, да има критичко мислење и внимателно да набљудува, оти набљудувањето значи вмешување, на еден начин менување на феноменот што го набљудуваме – интеракција. Од првата година сме презадоволни, тоа го потврдија и многубројните настани, бројноста и коментарите на таквата публика што ја спомнав. Јас моментално сум в.д. директор на манифестацијата, но првенствено сум активен планинар и професионален водич во планина, качувач на карпи и инструктор, етнолог и магистер по културолошки студии итн., па, според моите скромни искуства, сметам дека Смилево, со сето она што го окружува, има изразит потенцијал за ширење на своите хоризонти, очекувања, амбиции. Смилево се наоѓа во крошна меѓу пелистерскиот крај, планината Бигла, преспанскиот и демирхисарскиот крај. Идеален е за планински туризам со историски патеки, планински велосипедизам, планински трки, прошетки, екскурзии, работилници, кампување, извиднички кампови со едукација за разни растенија и печурки и сл.
Каква задача си давате себеси како прв човек на оваа манифестација?
– Земајќи го целиот потенцијал што може да го развие манифестацијата, првата задача што си ја давам е да не минувам покрај вистината без да ја забележам. „Немој да ти е сеедно, човек од тоа тешко закрепнува“, вели Есенин. Втора задача е реновирање и реставрација на седиштето на установата, куќата каде што се родил Даме Груев. Тоа им го должам на смилевчани. Трета задача, обединување на сите значајни објекти и знаменитости во селото Смилево и ставање под нашата институција. Моментално познатиот Меморијален музеј посветен на Смилевскиот конгрес неприродно е под Заводот и музеј – Битола. Целта ми е тој музеј, заедно со седиштето (куќата каде што се родил Даме Груев), костурницата со моштите на Даме Груев, Спомен-паркот за Даме Груев и сите други позначајни обележја да ѝ припаднат на установата.