Во рамките на богатата културна понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година, денеска од 18 до 22 часот ќе биде поставена самостојната изложба на дизајниран накит и облека „Имагинејшн“ од Александра Вељановска во галеријата „Ко-Ра“ – мал салон на ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје.
Александра Вељановска е позната како дизајнерка на накит и други модни креации и активно е присутна во сферата на визуелните уметности, претставувајќи ги своите колекции во рамките на самостојните изложби, но и во рамките на повеќе групни изложби, кои се од тематски ангажиран карактер, со што го потенцира значењето на модата како неразделен дел од нашето секојдневие, но и од нашето културно минато и традиција.
Дипломира во 2015 година на Европскиот универзитет во Скопје, на Факултетот за арт и дизајн, во класата на проф д-р Јана Манева Чуповска. Учествува на над 30 групни изложби, помеѓу кои се изложбите посветени на музиката и танцот, насловени „Вечното танго“, изложбите од еколошки карактер по повод Денот на пролетта и Деновите на екологијата, изложбите по повод Денот на Европа и други проекти.
Овој проект е поддржан во рамките на Годишниот конкурс на галеријата „Ко-Ра“, ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје и Град Скопје, со можност за користење простор за реализација на изложбата.
Проектот е насловен „Имагинејшн“ и има цел афирмација на ретродизајн поврзан со периодот на минатиот век, на дваесеттите, триесеттите, шеесеттите години.
– Овој проект нуди времеплов каде што старото се спојува со новото и со техниките на изработка збогатени со нота на денешното модерно секојдневие. Во колекцијата ќе бидат доловени симетријата, асиметријата, како и винтич-формирање на елегантниот дамски накит и облека што пленеле со својата убавина, грациозност и елеганција. На сетовите од ѓердани и обетки ќе стојат полудраги камења, висококвалитетни стаклени мониста, како и мониста од мурано стакло – истакнува Александра Вељановска.