Иванка НиБа, илустраторка

Иванка НиБа е наша реномирана илустраторка, која има илустрирано многубројни сликовници и книги за деца и млади, а наедно таа е и главната творечка сила зад издаваштвото „Едиција Светулка“. Нејзината последна изложба на илустрации со наслов „Никулци“ беше отворена во Младинскиот културен центар, во рамките на „Јес фестивал! Млади европски приказни, млади креативци“, каде што се одржа и работилница за деца. Таа смета дека конечно имаме континуитет во издавањето детска литература, каква што до неодамна недостигаше.

Oписменувањето на децата, а особено развивањето на читачките навики се оформува од најраната возраст на децата. Вие сте една од актуелните „виновнички“ за доближувањето и спојувањето на децата и литературата. Каков свет сакате да им доближите?
– Богат свет што можат и сами да си го креираат, каде што ќе се чувствуваат безбедно, развивајќи се, и преку кој ќе станат автентични индивидуи задоволни од себе, среќни и креативни и ќе уживаат во играта и кога ќе пораснат.
Додека родителите ги читаат сказните, децата ја осознаваат приказната исклучиво преку илустрациите, па колку се важни илустрациите за децата?
– Илустрацијата е визуелно раскажување на приказната. Исклучително е важно како и на кој начин ќе ги претставиме и доближиме суштината и емоцијата на приказната преку илустрација. Сѐ од горенаведеното е важно за да можат и тие самите да учествуваат и да креираат слика во своите мали главчиња. Некогаш и навестување на нештата е доволно за да се поттикне нивната фантазија. Особено внимавам на изразот на емоциите на карактерите, а многу често го користам и говорот на нивните тела во одредена поза, во некои книги и физичкиот изглед (облеката) како симболика, метафора. Колоритот го сакам смирен. Дразбите од визуелен аспект сметам дека треба да се умерени и да се стави фокус на она што треба да биде потенцирано во една приказна. Не треба сѐ да вреска со боја, па со тоа да се предизвикува прекумерна стимулација. Она што може да се забележи на моите илустрации е исто така текстурата, како и инфантилните елементи. Преку изворноста на емоцијата, извадена од спонтани линии, сакам да потсетуваат на детски цртежи од каде што често се инспирирам. Да се доближам до нивниот начин на изразување.


Како ги опишувате Вашите илустративни приказни и какви критики добивате од децата?
– Преку разиграната нота на детството и детските игри се обидувам да воспоставам сооднос помеѓу чистиот детски дух и емпатијата кон сѐ околу нив. Секоја емоција сакам да се види преку изразот на секое илустрирано дете, маче, облаче или нијанса – експресивност во создавањето со потенциран интензитет на чувствување. А децата често се поврзуваат со таа претставена емоција. Тага, солзи, радост, смешно, пресмешно, чудно… се она што сум се обидела да го потенцирам. Има и такви што не се сложуваат со мене, добивам коментари „не треба така“, „како е можно?!“, „не е правилно..?“ и други слични досетки, и тоа е супер. Откриваме свет што си го има создадено една илустраторка, па се инспирираат дека и тие ќе си создадат свое цветче, дрвце, маче, дете… и креирањето започнува. Секоја приказна си е посебна, автентична. Читам текст и или се инспирирам или не, нема помеѓу. Или веднаш цртам „во глава“, па морам да фатам молив за да го забележам моментот. Важно ми е да бидам искрена во изразот.
Од Вашето досегашно искуство, дали корицата ја носи најважната улога при изборот на сликовницата?
– Корицата е многу важна при изборот. Ќе ве натера да ја земете книгата и да ја разгледате. Но целосниот продукт е исто така важен. Изборот често паѓа на родителите, а кога избираат децата, особено оние од предучилишна возраст ги избираат сликовниците со приказни за животни. Сакаат многу смешни сцени.
Што ни недостига за да ја подобриме литературата за деца и што е потребно за да го забрзаме чекорот?
– Мислам дека држиме добар чекор. Имаме многу убави изданија и треба да се почитуваме повеќе, да си дадеме кредит за сработеното, но и поттик за тоа што сакаме уште да го градиме, да биде уште подобро. Со позитивна критика, искрена критика и со помалку его. Илустраторите сѐ уште не се ставени на ниво на автори, а всушност се. Не се многубројни оние што го поддржуваат илустраторското авторство и го вреднуваат како оригинално дело. А теми за обработка има уште, имаме фантастични илустратори, па да продолжиме со добрата работа и да ја почитуваме. Прекрасно е да се создава за деца.