Премиерата „Ифигенија за ништо“ е првата претстава што е реализирана во согласност со најавената Годишна програма на Драмскиот театар за 2025 година.
„Ифигенија за ништо“ е адаптација по текст и режија на Филип Петковски, кореографијата е исто така на Филип Петковски, сценографијата на Мартин Манев, а костимите се на костимографите Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.
Улогите во претставата ги играат актерите на Драмскиот театар – Скопје: Агамемнон – Димитрија Доксевски, Менелај – Филип Трајковиќ, Клитемнестра – Јелена Жугиќ, Ифигенија – Нина Елзесер, Ахил – Стефан Вујисиќ, Артемида – Сара Климоска, Орест – Марјан Наумов, Дечкото/светиот елен – Томислав Давидовски. Во хорот се актерките: Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и Јована Миладинова.
– „Ифигенија за ништо“ е современа адаптација на античката трагедија на Еврипид, која се фокусира на личните и семејните конфликти што произлегуваат од жртвувањето во име на „високи цели“. Базирана на „Ифигенија во Авлида“ и митот за убиството на светиот елен на божицата Артемида, оваа постановка користи елементи од физичкиот и танцовиот театар. Додека трагедијата на Еврипид ја истражува немоќта на човекот пред волјата на боговите, оваа адаптација става акцент на симболиката на смртта на Ифигенија како последица, не само на воените амбиции на нејзиниот татко туку и на пошироките механизми на политичката корупција и националистичките идеологии. Оваа продукција се служи со фрагментација, танц, физичко дејство и создавање слики. Ова е театарска претстава ослободена од наратив. Театар каде што јазикот не доминира. Театар што можеби и не сака да биде „разбран“, туку да биде просведочен, почувствуван и доживеан – посочува во програмската белешка, режисерот Филип Петковски.
Појаснувајќи го своето читање на античката Ифигенија и претставата што низ процесот ја создал со актерите на Драмски, режисерот додава: „Нашата Ифигенија живее во зоната на непријатност. Таа е девојка што ги живее последните денови од својот живот. Тело што одбива да престане да се движи. Нејзината смрт не е возвишена ниту херојска – таа е производ на семејна манипулација и инструментализирана патриотска реторика. Убиена без љубов и емпатија, нејзиното страдање станува симбол на начините на кои системите на моќ ги користат човечките животи за лична и колективна добивка. Таа не умира за нешто, туку за ништо, па така, станува дел од еден поголем општествен механизам, кој ја проголтува поединечната волја и ја заменува со идеолошка дисциплина“.
Премиерата на претставата се одржа викендов, следните изведби ќе бидат на 11 и 15 април. Времетраењето на претставата е 100 минути и не се препорачува за лица помлади од 16 години.